Заврши мапирањето на 20 патеки во општина Струмица

Општина Струмица во целост ја финализираше инвестиционата активност за мапирање, класификација и категоризација на 20 патеки (ридско – планински) на целата територија на општина Струмица, со поставување на 70 знаци и патокази и 6 информативни табли со известувачка и насочувачка информација.

 

Оваа активност е дел од проектот ,,Развој на алтернативни форми на туризам – Податоци за туризам”, финансиран од ЕУ, преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција 2007 – 2013.

Ридско – планинските патеки кои беа утврдени започнуваат од шест почетни точки и тоа: Ловен Дом, Момин Бунар, Вељуса, Банско, Габрово и Раборци. На секоја од тие почетни точки е поставена информативна табла која содржи мапа, општи информации за патеката, должина, надморска висина, потребно време за минување и информација за класата, односно тежината на патеката. Покрај шестте информативни табли, по должината на сите патеки е поставена соодветна туристичка сигнализација, составена од 70 знаци и патокази со известувачка и насочувачка информација.

Дваесетте патеки се од прва, втора и трета категорија, односно се лесно совладливи, имаат цврста подлога, благи ридести делови и се достапни за најголемиот број на граѓани кои имаат минимално искуство во пешачење. Девет од овие патеки можат да се користат за пешачење, џогирање и планински велосипедизам, а останатите 11 патеки може да се користат и за ATV возење и планински мотоциклизам.

До крајот на проектот ќе се мапираат и неколку патеки на планината Беласица од четврта и петта категорија, наменети само за професионални планинари.

 

Comments are closed.