Во Кукуш промовиран заеднички проект со општина Струмица

Претставници на општина Кукуш, Република Грција и на општина Струмица, Република Македонија, заеднички го промовираа проектот „Заштита и промоција на природното и културното наследство во прекуграничниот регион на општина Струмица и општина Кукуш – Наследство”, финансиран од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007 – 2013. Средбата се одржа вчера, во центарот за конференции на општина Кукуш, која беше и организатор на истата.

Со оваа средба и официјално беше отворен прекуграничниот проект „Наследство“, а проектните тимови на двете општини дискутираа за планираните проектни активности, очекуваните резултати и влијанието на проектот врз прекуграничниот регион Струмица – Кукуш. Од името на градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица, на присутните им се обрати Катерина Кузмановска, член на Советот на општина Струмица, која истакна дека овој проект има огромно значење и за двете општини.

-Преку овој проект, нашите општини воспоставија успешна и плодна соработка преку размена на искуства, знаења, комуникации и информации, и сето тоа во насока на остварување на крајните цели на проектот, како што се: Да се зголеми атрактивноста на прекуграничниот регион Струмица – Кукуш за туристите и инвеститорите преку мапирање, конзервација, подобрување на видливоста и промоција на природното и културното наследство. Да се зголеми ефективноста и ефикасноста во заштитата и одржливоста на природното и културното наследство на јавната администрација и другите засегнати страни. Да се стимулира прекуграничната соработка преку размена на искуства и проширување на соработката во областа на заштитата и промоцијата на природното и културното наследство. Да се подобри капацитетот на човечките ресурси сѐ со цел да се искористат непроценливите природни и културни ресурси во развојот на одржливиот туризам. Затоа, од особен интерес е во иднина да воспоставиме уште посилни релации, да се фокусираме на конкретни резултати и да работиме во функција на остварување на нашите заеднички цели и приоритети, а тоа е проектните партнери да направат историска „реконструкција” на културното наследство од прекуграничниот регион Струмица – Кукуш, под слоганот „Од Струмица до Кукуш – На патот на нашите предци”, рече Кузмановска.

За поранешниот градоначалник на општина Кукуш, Анастасиос Аманатидис, Кукуш и Струмица, имаат многу заеднички белези за соработка.

-И ние имаме црква на Светите петнаесет маченици, а исто таква, стара христијанска црква има и во Струмица. Не знам колку е развиено христијанското чувство, но сакам да ви кажам дека ние тука во Грција ги прогласивме за заштитници на градот Кукуш. Посакувам, оваа соработка да продолжи понатаму и на други полиња, рече меѓу другото, Аманатидис.

Според Џоко Ристовски, раководител на одделението за меѓугранична соработка и европски проекти при општина Струмица, овој проект беше меѓу двaсетте одобрени во вториот повик за проекти и предлози, а на кој учествуваа вкупно 180 апликанти.

-Од сите 180, овој проект беше најдобро рангиран, а започна да се имплементира во декември 2012 година, а неговото времетрање е 26 месеци. Проектот чини 944.659.050 евра од кои општина Струмица 324.659 евра, општина Кукуш 300 илјади евра и 320 илјади евра има регионот на Кукуш, рече Ристовски.

Во рамките на оваа посета на Кукуш, претставниците од општина Струмица посетија некои од најзначајните културно – историски локалитети и споменици во Кукуш, меѓу кои и црквата „Св. Ѓорги“ која е дел од имплементацијата на проектот „Наследство“. Инаку, најзначајна  активност во овој проект за општина Струмица е конзервација, реставрација и делумна реконструкција на делови од тврдината „Цареви кули“.

Comments are closed.