Советот на општина Струмица ја одржа 16-та седница

Советот на општина Струмица ја одржа шеснаесеттата седница, на која беа усвоени повеќе одлуки, програми и извештаи од неговата надлежност. Усвоени се предлог – одлуката за измена и дополнување на буџетот на општината за 2014 година, а со тоа и предлог – програмите за измена и дополнување на програмите за уредување на градежното земјиште, за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици, за изработка на на урбанистички планови, за одржување на јавното осветлување, за активностите во областа на локалниот економски развој и туризмот, за активностите во областа на социјалната заштита и заштитата на децата, за одржување на јавната чистота и јавното зеленило и за активностите во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и справувањето со кризи на подрачјето на општина Струмица за 2014 година.

На седницата присуствуваше градоначалникот Зоран Заев, кој пред советниците ги образложи измените и дополнувањата на буџетот на општина Струмица за 2014 година.

-Потребата за ребалансот доаѓа од самите буџетски корисници, а тоа се основните, и средните училишта и детската градинка. Се работи, пред се, за внатрешна промена на одредени ставки кои што согласно реализацијата во првото полугодие предизвикале потреба кај самите институции да направат прераспределба и сите ставки се јасно видливи, тоа се ситни ставки, но мора да бидат ребалансирани за да можат училиштата и детската градинка непрекинато и без проблеми ги завршуваат своите надлежности. И не само тука, ја користиме оваа прилика за одредени новини, заради завршување на одредени тендерски постапки, кои што значат одредени заштеди во однос на проектираните во буџетот и заради одредени согледани состојби, пред се, од имотно – правни односи, недонесени детални урбанистички планови кои што се во процедура, не можат да имаат своја реализација и заради отворениот чесен пристап на општинската администрација пред Советот, секогаш ја користиме приликата, на пресекот на годината да излеземе со детални податоци за она што значи очекување од реализацијата на буџетот. Основниот дел на буџетот, она што зависи само од општина Струмица, останува непроменет. Буџетот во декември кога е донесен бил 523.575.000 денари и сега во предлог – ребалансот останува исти, но имаме одредени внатрешни прераспределби, рече меѓу другото во своето образложение, градоначалникот Заев.

На седницата беа усвоени и извештајот и годишната сметка со финансов извештај за работата на јавните претпријатија „Струмица – гас“, „Паркиралишта – Струмица“ и „Комуналец“, а беа донесени и повеќе одлуки од надлежност на јавното комунално претпријатие. Исто така, беа усвоени и извештаите за реализација на програмите  за уредување на градежното земјиште, за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта и улици, за одржување на јавното осветлување и извештајот за реализацијата на програмата за изработка на урбанистички планови на општина Струмица за 2013 година. Зелено светло добија и годишните сметки со финансов извештај на општинските основни и средни училишта и детската градинка, како и Акциониот план за ставање под контрола на вектор – преносливите заболувања со примена на краткорочни и долгорочни мерки во општина Струмица.

На шеснаесеттата седница, членовите на Советот, донесоа и повеќе одлуки од областа на урбанизмот и комуналното уредување.

Comments are closed.