Струмица единствена во Македонија со Пениа на ФК Барселона

Струмица е единствената општина во Република Македонија и меѓу 1. 300 во светот со Пениа на ФК Барселона. По тој повод, претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, денеска организираше прием за Антонио Фреире Орељана, претседател на Пениите, кои всушност претставуваат здруженија на фанови на Барселона, а кои работат во состав на клубот.

-Многу сме горди и благодарни што имаме Пениа и во Струмица, тоа е една амбасада на фудбалскиот клуб Барселона. Се заблагодаруваме за приемот во општината, имаме многу убави проекти за реализирање и штотуку ме информираа од општината дека ќе ги поддржат тие проекти, што е одлична работа. Ги пренесуваме поздравите од целата управа на Барселона и ви благодариме многу за приемот на сите, рече Орељана.

Тој во знак на благодарност, на градоначалникот Зоран Заев му подари плакета со најубавите и најголемите знаменитости на Барселона, со порака дека вратите на овој град се секогаш отворени за него.

Претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, од името на градоначалникот Зоран Заев и од името на општината им се заблагодари на гостите од Барселона за честа што и ја укажаа на Струмица со Пениата на ФК Барселона.

-Ние сме почестени со отворањето на канцеларијата на фановите на Барселона и секако здружението ќе работи и на изготвување на проекти, помагање на фудбалски турнири, ќе го помага развојот на женскиот фудбал. Ние како општина ќе ги поддржуваме сите нивни проекти кои и ќе влезат во програмата за спорт за идната година. Им благодарам што Струмица ја одбраа како место за да ја отворат првата канцеларија на ФК Барселона во Македонија, со што уште еднаш докажуваме дека Струмица е спортски град и се надевам дека вакви и слични средби ќе продолжат и понатаму, рече Христов.

Претставникот на ФК Барселона и општина Струмица веќе ја конкретизираа соработката насочена кон поддршка на развојот на женскиот фудбал, конкретно со женскиот фудбалски клуб Тиверија.

Comments are closed.