„Струмица опен фестивал 2014’’ ќе трае 11 дена

Вечери на поезијата и афоризмот, ликовна колонија, промоција на книги, театарски претстави, филмски вечери, трка на келнери, преставување на народни носии, модерен балет, концерт на лицата со посебни потреби – ова се дел од богатата културно – уметничка програма што посетителите ќе можат да ја погледнат и слушнат во првите осум дена на овогодишниот „Струмица опен фестивал 2014’’.

Фестивалот ќе трае единаесет дена, од 7 – 17 август, а ќе го одбележаат 28 настани на 10 отворени летни сцени. Како новина предвидено е да дел од музичко – забавна програма се одржи во селата Муртино и Просениково.

Традиционално, последниве три дена ќе ги одбележат настапи на локалните и македонски пејачи и групи. Како главни музички гости се најавени балканската ѕвезда Здравко Чолиќ, белградската поп – рок – реге- блуз група „С.А. Р. С.’’ , рок составот „Бајага и инструктори’, а повторно оваа година ќе настапаат Кирил Џајковски (електронска музика) и поп групата „Амадеус’’ кои оставија најдобар впечаток на публиката во 2013 година.

„Со задоволство ги поканувам сите струмичани, сите граѓани на Македонија, но и сите надвор од границите да бидат пристуни на овој спектакл. Сакам однапред да укажам на сите граѓани, пред се на нашите струмичани, без разлика дали планират одмор, работа или слично, токму тие денови од 7 до 17 август да планират секако да ги поминат овде во Струмица, заради тоа што задоволството ќе биде големо. Очекуваме раст на посетители на фестивалот. Минатата година го посетија од 180 до 200 илјади луѓе’’ – изјави на денешната прес – конференција градоначаникот Зоран Заев.

Конференцијата се одржа во хотелот „Сириус’’ каде градоначалникот врачи фотографија  – мозаик со најубавите моменти од минатогодишниот „Опен фест’’ на Наташа Шапковкса, директорка на „Сириус’’,  за поддршката на фестивалот.

Ваква фотографија е веќе доделена и на останатите подржувачи – хотелите „Глигоров’’, „Тивериопол’’, „Илинден’’, „Централ’’,  ’’404’’, „Цар Саумил’’ и „Студио ИН’’.

 „Струмица опен фестивал’’ се одржува по трет пат.

М.И.

Comments are closed.