ЗАЕВ: Проектот „Глобал’’ е чист како солза

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев,  денеска одржа прес – конференција на која ги отфрли обвинувањата од власта дека проектот „Глобал , стар 8 години, е нелегален. Во своето излагање, тој како доказ приложи и пресуда од Врховниот суд.

Во продолжение, интегрален текст од прес – конференцијата.

„Дозволете денес да дадам одговор на обвинувањата кои стигнуваат на моја адреса за проектот Глобал и уште еднаш да ја потврдам вистината за овој голем и значаен проект во Струмица. Патем да споменам, деновиве се навршуваат 8 години од почетокот на изградбата на Глобал проект со кој јас и Струмица се гордееме.

“Сто пати кажана лага станува вистина“ е стратегијата на ВМРО ДПМНЕ која и е веќе многу добро позната на јавноста. Ова што го прават овие денови неколку медиуми кои се под директна контрола на ВМРО ДПМНЕ е многу добро позната тактика и се реализира на начин што порталот Курир, Нетпрес или Прес24 без потпис на новинар или уредник ја објавува темата, ги поставува лажните тези, а националните медиуми како што се МТВ, Сител, Кана5, Алфа, неколку дневни весници и други медиуми и портали ја шират невистинитата приказна со цел да допре до што е можно повеќе граѓани. Ова е доказ за дел од таа вкупна режимска системска контрола на власта која ја уништува не само слободата на медиумите туку преку ваквиот механизам може да постави целосни невистини и да ги пласира на јавноста како апсолутни вистини. Преку ваквиот начин на контрола на медиумите власта успешно наметнува впечаток кај најголем  дел од граѓаните за било каква  злонамерна или забегана теза која ја издига на ниво на вистина и преку тоа создава сосема извитоперен впечаток за било кој и за било што во нашата земја. Денес тоа се прави против сите неистомисленици со Власта но истотака и против секој граѓанин кој ќе се дрзне да соопшти или направи нешто кое е спротивно на итересите и целите на владеачката гарнитура предводена од ВМРО ДПМНЕ. Ваквото организирано настапување на највлијателните медиуми во државата најверојатно е поголемо зло врз опшеството и од самите незаконити дејствија на власта. Затоа ваквото организирано дејствување на медиумите претставува своевидно злосторничко здружување кое директно ги урива основните демократски вредности втемелени во Уставот на Република Македонија .

Затоа не треба никому да му биде чудно, зошто е недозволиво повторно опозицијата да попушти во своите ставови за непризнавање на изборниот процес и неприфаќање на пратеничките мандати. Ова е само дел од злоупотребите на власта која со народни пари и преку државните институции и инструменти ја воспоставува системската контрола врз се во нашето опшество. Ова со медиумите е само еден од доказите колку режимот кулминира со секоја одмината година и после секој изборен процес и само по себе е потврда колку опиеноста на автократската власт нема крај.

Од сите досегашни коалиции во овие 23 години независност, повеќе од очигледно е дека најсилна е коалицијата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и медиумите. Ваквата непримерна соработка на штета на државата и граѓаните не памети светската историја дури и во најтоталитарните опшества. Таа машинерија ја држи целата македонска јавност заробена во една голема лага. Дел од таа лага е и случајот Глобал, случај кој политичко – медиумското братство го презентира по свој режимски аршин далеку од вистината. Истите тие кои не објавија ниту збор од аферата со продажбата на Македонска банка, сега со здружени сили се фокусирани случајот Глобал кој е чист како солза да го прикажат сосема во поинакво светло и со дрвја и камења, по којзнае кој пат, да го нападнат името, угледот и честа на Зоран Заев. Нивната цел е совршено јасна, да се дефокусира вниманието од криминалот на власта и финансиските афери на Груевски и да се создаде поинаква перцепција пред судското рочиште по тужбата на Груевски против мене, за наводна клевета. Ваквото режимско сценарио никој не треба да го изненадува. Во држава во која за 2000 евра експресно се осудува неистомисленик на една година затвор, а за “убиство” на пешачки премин на свој близок човек му се изречува пресуда од само шест месеци затвор и тоа дури по шест години по стореното дело, не може да се очекува поинаков епилог. Медиумите објавуваат она што ќе им биде наредено од власта, а секој демант од општина Струмица и од СДСМ завршува во фиока или во корпата за отпадоци, без да биде објавен. Каде го има ова ? Во која држава освен во Македонија ?

Законите во оваа држава се јасни, какви и да се. Според тие закони, општината е таа институција која издава одобренија за градба. Тоа е истата таа институција која согласно важечките закони издава акти за легализација. И што е тука нејасно ? Политичко-медиумската формулација на спин – тезата дека самата легализација на Глобал е доказ сам за себе дека градбата била нелегална, едноставно не држи вода, затоа што истите луѓе, по истото сценарио со политички мотиви го прогласија Глобал за нелегален. Но судските инстанци си го кажаа своето. Уште пред четири години најпрвин Управниот па потоа и Врховниот суд потврдија дека Агенцијата за катастар на недвижности е должна да го запише Глобал во катастарската документација. Еве ви ја пресудата на Врховниот суд.

И покрај ваквата пресуда Агенцијата за катастар не го впиша одобрението за градба на Глобал со изговор дека имало претходно нерешено прашање а тоа е дека имало денационализација на земјиштето на кое е изграден Глобал. Оваа година пред изборите, поради тоа што калкулираа дека може да се променат работите во власта, решија да го впишат актот за легализација на Глобал во Агенцијата за катастар и со тоа несмасно, невнимателно и несвесно потврдија дека денационализација на земјиштето не постои. Напоменувам дека според законот ако на предметно земјиште има денационализација не може да се впише во катастар ниту одобрение за градба ниту акт за легализација.

Со впишувањето во катастар на актот за легализацијата на Глобал, власта го обезбеди во моја полза крунскиот доказ за целиот случај Глобал, а тоа е дека денационализација немало ниту кога се градел Глобал ниту денеска кога е впишан во катастарот на Македонија.

Заради оваа наводна денационализација актуелната власт ме притвараше мене и моите соработници. Заради овој предмет Глобал и денационализацијата на земјиштето на кое е изграден Глобал, шест години, Груевски, власта и медиумите блиски на власта не ме симнаа подолу од аболициран, криминалец и што ли уште не.

Затоа само повторно ќе го споменам “шилото на вистината”. Порано или покасно вистината секогаш излегува на површина и кога тогаш за секое зло следува одговорност.

Да потсетам :

Проектот глобал е проект на јавно приватно партнерство без ниту еден денар потрошени општински пари. 12 те милиони евра за изградба на Глобал се инвестирани целосно од приватните партнери на општината за овој проект.  За 8 милиони евра имале продадено деловен простор тие приватни компании кои го инвестирале проектот Глобал, а се истите оние 8 милиони кои ги кажува власта како наводен криминал на Заев во овој проект.

Општина Струмица има приход од 1.100.000 евра комуналии од овој проект во својот буџет и околу 500.000 евра данок на промет.

Општината без ниту еден потрошен денар е сопственик на затворениот пазар во Глобал, деловен простор и 17% од катната гаража.

Во овој проект денеска се вработени и земаат плата повеќе од 400 граѓани на Струмица.

Во овој проект е првата катна гаража изградена во Македонија која има 380 паркинг места како и најсовремениот затворен пазар во државата.

Овој проект е избран од ЕУ како најдобра пракса за јавно приватно партнерство и со средства на ЕУ е промовиран како успешна пракса во многу европски градови.” – изјави Заев.

Comments are closed.