Вандали ја уништиле трим патеката во Банско

Непознати сторители ја уништиле трим патеката во Банско  чија изградба е во завршна фаза. Искршени и откорнати клупи, канделабри и бекатон плочки, ваква беше денешната слика на проектот, кој со европски пари го реализира општина Струмица. Во одделението за меѓународна соработка и европски фондови при општина Струмица, се згрозени од вандализмот врз патеката, особено што ова се случува по трет пат.

-Општина Струмица во рамките на реализацијата на проектот „Развојни алтернативни форми на туризам“ финансиран од Европската унија, спроведува инвестициона активност за изградба на пешачка трим патека во населеното место Банско. Истата беше во завршна фаза на реализација, но за жал, синоќа од страна на непознати сторители истата е делумно уништена. Скршени се десетина клупи, делумно е уништена поставената бекатонска подлога на патеката, уништени се и дел од канделабрите, украдени се сијалици и стакла. Од страна на изведувачот и надзорниот одбор е констатирана материјалната штета која што е направена од непознати сторители, исто така, сме информирани дека СВР Струмица има извршено увид на лице место и од нивна страна е изготвен записник и очекуваме дека во најбрз можен рок ќе ги пронајде сторителите на ова вандалско дело и против истите ќе бидат преземени соодветни мерки, рече Џоко Ристевски, раководител на одделението за меѓународна соработка и европски фондови при општина Струмица, по денешниот увид на трим патеката во Банско.

Ова е трет пат во периодот на изведба на оваа трим патека, да  се извршуваат вакви вандалски дела. Претходно, беа причинети помали материјални штети и општина Струмица ги поправи уништените предмети, меѓутоа сега е направена висока материјална штета. Од страна на општина Струмица во наредниот временски период ќе бидат преземени мерки за целосно финализирање на оваа патека.

Но, исто така, од општина Струмица, апелираат до граѓаните, пред се до жителите на населеното место Банско, оваа трим патека да се чува и да се користи за намените за кои што е направена, бидејќи со ваквото однесување на поединци, губат тие, туристите  и целата заедница.

Comments are closed.