ЗАЕВ: Повикувам на совест и правда, а ти Груевски замини!

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во Струмица одржа прес конференција.

Во продолжение интегрален текст.

„Севкупната состојба во Република Македонија добива загрижувачки димензии.  Нештата  се толку сериозни што посериозни неможат да бидат. Не само што не смееме кон нив да се однесуваме несериозно, туку, сите ние, имаме обврска да одговориме на ниво на сериозноста што е неопходна во вакви околности.

 Примањата милионски суми кеш пари во случајот со продажбата на Македонска банка, примањата кеш, со каса прими и печат на ВМРО-ДПМНЕ, купувањата огромни имоти на име на ВМРО-ДПМНЕ последните месеци пред распишувањето на изборите, се мега скандали во коишто е директно инволвиран претседателот на владеачката партија ВМРО ДПМНЕ и премиер во Владата на Република Македонија, Никола Груевски. Обелоденетите докази за сите овие случаи, и за низата други што ги објавивме се сведоштво за невиден криминал, што не го памети историјата на нашава земја, од осамостојувањето до денес.

Објавениот доказен материјал не е дел од некој криминалистички филм во којшто Никола Груевски има главна улога. Тој е сурова реалност за КЛАСИЧЕН ПРОТИВ ЗАКОНСКИ АКТ, ОД СТРАНА НА ЧОВЕКОТ КОЈ ВЕЌЕ ОСУМ ГОДИНИ ОДЛУЧУВА ЗА СУДБИНАТА НА ДРЖАВАТА И ЗА СУДБИНАТА НА СИТЕ НЕЈЗИНИ ГРАЃАНИ.

Во Европа и светот за многу помали коруптивни скандали, паѓаат многу поголеми политички имиња од Никола Груевски. Токму затоа ова не смее да остане неказнето.

Почитувани граѓани,

Уривањето на Уставот и законите би значело уривање на државноста. Криминалот на Никола Груевски мора да ја мобилизира целокупната јавност во земјава.

СЕКОЕ ИГНОРИРАЊЕ НА ОВИЕ СЛУЧАЕВИ Е ИГНОРИРАЊЕ НА ИНТЕРЕСИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И НА НЕЈЗИНИТЕ ГРАЃАНИ.

ЗАТОА, ПОВИКУВАМ НА СВЕСТ, СОВЕСТ И ПРАВДА.

- Ги повикувам сите релевантни фактори во Македонија, да бидат на висината на своите обврски и задачи. Ова се однесува на Државниот јавен обвинител, целокупниот правосуден систем во земјава, Антикорупциската комисија, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, академската и експертската јавност, невладиниот сектор, медиумите и сите граѓани (од прв до последен) да застанат во одбрана на правниот поредок во Република Македонија. Тоа значи санкционирње на очигледниот криминал во којшто е вмешан директно првиот човек во државата, премиерот Груевски.

- Како верник, упатувам порака до црковните служители кои ги претвораат Богослужбите во предизборна политичка пропаганда,  дека нема ништо христијанско во злоупотребата на Црквата во агитирачки цели.

- Им се обраќам и на сопствениците, менаџерите, главните и одговорни уредници и програмските уредници на медиумите кои одработувајќи наемна работа за власта, ги игнорираат целосно мега скандалите, посебно скандалот за Македонска банка, зад коишто стои премиерот Никола Груевски. Свесното сокривање на криминалот значи поддршка на сторениот криминал.

Почитувани граѓани,

Сериозноста на овој случај ја надминува важноста на изборите и изборниот процес. Но, токму тие избори се вистинска шанса да се тргне од власта човекот кој продолжува да ја злоупотребува таа власт, на сметка на интересите на државата и на народот.

За крај, нему, на Никола Груевски, му порачувам:

Груевски, оние кои се обидоа да го покажат твоето вистинско лице, гнијат по затворите. Постои сомнеж дека некој поради тоа дури и не е меѓу живите. Знај дека тоа нема да ме уплаши и нема да ме спречи да ја извршам до крај, својата, пред се, граѓанска должност.  Го објавив доказниот материјал за твојот криминал поврзан со продажбата на Македонска банка, затоа што така треба, и никако поинаку.

И да не бев политичар, и да не бев лидер опозицијата, и да не `не чекаа избори, ќе го сторев тоа без размислување. Ќе го стореше тоа кој било совесен граѓанин на Македонија кој искрено ја сака оваа земја, бидејќи тоа е човеково право и обврска.

Правдањето дека снимката од телефонскиот разговор е монтажа е само купување време, до моментот кога експертизата ќе ја докаже веродостојноста на материјалот. Ако се надеваш дека сте успеале да купите и придобиете многу луѓе, па ќе успеете да ги купите и оние кои ќе работат на таа експертиза, те уверувам и тебе и твоите соработници, дека во светот постојат луѓе кои се различни од вас и држат до својата професионалност.

Сега е јасно Груевски, зошто бегаш од ТВ-дуел со мене. Знаеш дека има толку многу да ти кажам, и за Македонска банка, и за Националната платежна картичка, и за Телеком и за Окта и за многу други работи, но и за вистината и за политичката позадина на судскиот процес за Глобал, со што сега манипулираш.

Груевски, дали можеш барем еднаш да бидеш голем?!

Ако пред осум години вети преродба, тогаш еве ти шанса тоа денес да го оствариш. Со твоето соочување со правдата и заминувањето од политичката сцена,  ќе и донесеш вистинска преродба на Македонија.

Почитувани граѓани,

Вие кој сте вработени во јавната администрација, вие кој што примате социјална помош, корисници на земјоделските субвенции, бизнисмени, пензионери, вработени и  невработени, до кога ќе дозволите да ве понижува и да ви се заканува Власта. Насекаде во светот Власта се плаши од граѓаните, само во нашата земја граѓаните се плашат од Власта. Не е живот – постојано да се живее под притисок. Нема среќа кога не постои никаква надеж. Сите гледате дека државата ни пропаѓа. Сите знаете дека со сила сака оваа Власт да се одржи.

Знаеме сите дека ова не се ниту фер ниту демократски избори. Демократската шанса за политички натпревар не постои во нашата земја. Но сепак тоа што остана е тајноста на гласањето. Зад параванот секој е сам и никој не може да дознае кој за кого гласал.

Верувам во храброст и одговорност од секој граѓанин, посебно кога се работи за иднината на земјата. Храбрите луѓе можеби не живеат вечно, но уплашените постепено умираат секој ден. Ве повикувам да гласаме за ПРОМЕНИ за НОВ ПОЧЕТОК. Ве повикувам да гласаме за поинаква од денешната, за подобра Македонија” – изјави Заев.

Comments are closed.