Локвенец: Ќе го вратиме достоинството на тутунопроизводителите

„Македонија е аграрна земја, во која живеат и работат вредни и чесни земјоделци.Тие заслужуваат да имаат достоинствен живот. Затоа идната влада на СДСМ ќе води аграрна политика со која земјоделците ќе имаат сигурен пласман на родот во кој вложуваат многу труд и пари и квалитетни услови за живот“, рече денеска носителот на листата на СДСМ и коалициските партнери во изборната единица 4, Хари Локвенец. На средбите со граѓаните во прилепскиот регион, Локвенец ги слушаше нивните проблеми и ја промовираше предизборната програма на СДСМ.

Во регионот кој е познат по производството на тутун, тој рече дека меѓу приоритетите од областа на земјоделската политика ќе биде враќањето на достоинството на тутунопроизводителите, кои сега мака мачат со неоткупениот тутун и со несклучените договори за новата сезона.

-Субвенцијата од 60 денари за килограм тутун ќе се зголемува со поскапувањето на  трошоците за производство и цената на нафтата на светска берза. Ќе обезбедиме законска регулатива за откуп на целата годишно произведена количина на тутун. Исто така нудиме, откуп на тутунот во три класи според бербата (горна, средна, долна), зголемување на цените по класи на килограм откупен тутун со зголемена конкуренција и дополнителни лиценци за откупувачите. Укинување на белите картони. Државата ќе издава одобренија врз база на претходно склучени договори со откупните компании. Секогаш ќе водиме сметка за земјоделците на кои единствена егзистенција им е тутунот, да имаат приоритет при склучувањето на договори. Ова се само дел од мерките кои ги нудиме за враќање на достоинството на тутунопроизводителите и на сите земјоделци. Ги има многу, кој новиот тим на СДСМ ќе ги спроведе. Трудот на земјоделците мора да се вреднува, нивните семејства мора да имаат пристоен, а не крпен живот. Ете затоа, време е за позитивни промени. Време е за задоволни земјоделци, рече Локвенец.

Comments are closed.