Заев: Груевски да понесе одговорност и да си замине од политиката

,,Во нормална земја, политичари од таков калибар веднаш поднесуваат оставка и веднаш заминуваат од политичката сцена. Ние имаме и пример на премиер, во регионот, којшто е во затвор заради продажба на банка.

Ова е неколкукратно посилно кршење на законите, заради тоа што е избегнат данок на Република Македонија и директно се работи за кеш, пари во готово, коишто се земени и кршат неколку закони во Република Македонија.

Жалам што реакцијата на премиерот, наместо да замолчи и да ги тргне валканите раце од Република Македонија, е дека тоа е монтажа, дека неговиот Прес центар, сигурно по негово укажување, вели дека дел од гласовите се на Груевски, а дел не биле.
Би рекол само дека нормално дека покрај Груевски таму се и гласовите на газда Нини и на соговорникот. Само еден дел се од Груевски, коишто недвосмислено, јасно покажуваат дека Груевски прави големи криминали и дека тоа е само почетокот на оваа криминална мрежа којашто денес управува со Македонија.
А, дали се монтажи или не, прво граѓаните имаа прилика да ги слушнат и секој може да донесе оценка. Ако му е потребно на Груевски да докажува дали се монтажи или не , снимките се јавно достапни насекаде, може да ангажира најсовремени институции од каде било во светот, да му покажат дали овие снимки се монтажа или не.
Секако, спецификата на гласот и на неговото зборување, дополнително потврдува дека не се работи ниту за монтажи, ниту за какви било креации, туку за одговорен пристап на опозицијата, којашто е должна се што има да сподели со јавноста. Така е и по закон, затоа што јавноста е должна да знае со кого си има работа, на кого би дала поддршка во иднина и како тоа би се одразило врз идниот живот на сите граѓани на Република Македонија.
Ако премиерот е инволвиран во ваков криминал, што значи за сите негови соработници, оваа мотивација, за дополнително да ја докусурат Република Македонија.” – изјави Зоран Заев денеска за медиумите.

Comments are closed.