СДСМ Струмица: Во недостаток на издржани мерки и проекти, партијата на Груевски почна со обиди за китење со туѓо перје

Миле Милановиќ, член на извршниот одбор при ОО СДСМ Струмица денеска одржа прес конференција по повод вчерашната изјава на вицепремиерот Зоран Ставрески.

Интегрален текст од прес конференцијата:

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите.

Безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ го принудува носителот на нивната листа во четворката – Зоран Ставревски, да биде изгубен во времето и просторот.

Во недостаток на издржани мерки и проекти, партијата на Груевски почна со обиди за китење со туѓо перје, па присвојува и краде мерки кои веќе ги понуди СДСМ.

Откако нашата партија излезе со мерките за укинување на обврската за плаќање на радиодифузната такса за социјално загрозените семејства и субвенционирање при вработување на млади невработени лица, луѓето од ВМРО ДПМНЕ без срам и образ си ги присвоија  овие мерки како да се нивни.

Но тоа не е ништо ново кога ВМРО-ДПМНЕ е во прашање.

Не е ново ниту ветувањето на Ставревски дека во Струмица ќе изградат 4 тениски игралишта.

Пред секои избори Ставревски ја пее истата песна, а од тениските игралишта нема ни трошка изградено, иако Општина Струмица за таа намена им издаде одобрение за градба уште пред две години.

Вистински бисер во ветувањата на Ставревски е изградбата на фудбалско игралиште со вештачка трева во склоп на Академијата Пандев, проект кој Општина Струмица веќе го реализира.

Имено, за информација на јавноста, во тек е регулирањето на обврските од договорот кој за таа намена го потпишаа Општина Струмица и Фудбалската федерација на Македонија и тоа уште минатата година.

Општината веќе ја заврши обврската за обезбедување локација со уредна урбанистичка документација, а во тек се и подготовките за  изградба на подлога за инсталирање на вештачка трева, за изградба на соблекувални од цврста градба, за соодветно оградување на објектот,  за осветлување на теренот и за приклучување на објектот на струја, вода и канализација, обврски кои исто така се на товар на Општината.

Единствената обврска на ФФМ е да обезбеди вештачка трева за игралиштето а АМС се јавува само во улога на иницијатор. Ако Ставревски лаже, документот од Договорот не лаже.

Тој и неговатата партија многу оддамна се скарани со вистината. Тој и неговата партија многу оддамна се прочитан буквар – изјави Милановиќ.

Comments are closed.