СДСМ им се заблагодари на струмичани за поддршката на Стево Пендаровски

Зоран Ѓоргиев, шефот на Изборниот штаб на СДСМ во Струмица, денеска одржа прес конференција на која се заблагодари на струмичани кои на 13 април ја дадоа поддршката на претседателски кандидат  Стево Пендаровски, воедно повикувајки ги да гласаат и на 27 април за „нов почеток’’.

Во продолжение интергрален текст:

 

Почитувани граѓани на општина Струмица,

Сакам преку оваа прес конференција од мое лично име, како шеф на на изборниот штаб на ОО на СДСМ во Струмица, и од името на сите луѓе од раководството на нашата партија, отворено да ви се заблагодарам за поддршката што на завчерашните претседателски избори  му ја дадовте на нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски.

И покрај многуте уцени, закани, притисоци, купување гласови и други неправилности кои беа манифестирани од страна на луѓето на ВМРО-ДПМНЕ, вие покажавте и докажавте дека сте на страната на подобрите, на страната на демократијата, на страната на слободата, и на тој начин овозможивте да биде извојувана уште една победа на СДСМ и нејзиниот претседателски кандидат.

Во оваа сеопшто лудило кое владее во Република Македонија, а го продуцира Никола Груевски со своите слепи послушници, Струмица останува зона на слободата и светлината, за што ни завидуваат граѓаните од цела држава. Пред нас е уште еден предизвик, уште еден обид да ја сотреме оваа ненародната власт. Пред нас е 27  април, ден за вториот круг на Претседателските избори и за предвремените Парламентарни избори.

Ве повикувам заеднички да одработиме, не една туку две победи одеднаш. Да избереме претседател, како што заслужува Македонија, со кој ќе се гордееме, а не да се срамуваме, и да избереме нова власт со наш човек за премиер.

Нашиот претседател Зоран Заев, со дела покажа дека тоа го заслужува. Тоа го заслужува и Струмица, и Република Македонија.

Оние кои се до гуша во криминал на грбот на народот, повторно ќе се обидат на нечесен начин да ја фалсификуваат волјата на граѓаните, но јас сум сигурен дека овој пат, со заеднички сили ќе ја спречиме таквата подла намера. Ајде да излеземе како победници, ајде да донесеме промени за нов почеток во оваа наша напатена земја – изјави Ѓоргиев.

Comments are closed.