Општина Струмица со три прашања до власта во врска со стариот струмички театар

Интегрален текст од прес – конференцијата на Кирил Парталов, секретар на Општина Струмица:

„Општина Струмица со ниту едно дејство или изјава не била против изградбата на стариот театар, напротив Општината отсекогаш и преку Градоначалникот и преку Советот даваше и ќе дава поддршка на овој проект како и преку стручно вклучување на општинската администрација.

Меѓутоа, едно е да се сака и да се има желба, а друго е да се води законска постапка .

Одобрението за градење кое го спомна  премиерот Груевски, преку вчерашното соопштение од Министерството за транспорт и врски, дознавме дека било издадено во законска постапка.

Ако е така,  бидејки Општината беше спомната дека не ги познава прописите, а и на граѓаните да им стане појасно и се со цел да ги научиме законите ќе поставиме неколку прашања:

1. Кој согласно Законот за градење, пресметува, ослободува или склучува договор за надоместокот за уредување на градежно земјиште, а согласно член 59 став 9 и 12 од Законот за градење , односно кој е надлежен да постапува и да го применува  согласно Правилникот?

Ако тоа не е Општината, тогаш зошто Министерството за транспорт и врски во претходната постапка  доставило основен проект до општина Струмица за утврдување на надоместокот за градежно земјиште.

2. Повторно ќе прашаме: Дали и кога Одобрението за градење станало правосилно?

Ако станало, дали се известени непосредните соседи. Препорачуваме за да нема премиерот Груевски проблем со поставувањето на камен-темелници за кои нема Одобрение за градење , во Законот да се додаде Одобрение за поставување на камен темелници, пред да се издаде Одобрение за градење.

3. Дали се работи за Одобрение за градење на нов објект или се работи за Одобрение  за реставрација и  реконструкција на стариот објект што е многу важно?

Премиерот Груевски спомна Одобрение за градење што значи дека станува збор за НОВ ОБЈЕКТ.

Е сега, ако се работи за нов објект дали се применуваат одредбите од Правилникот за уредување за ослободување од комуналии и клучното прашање, ако е нов објект-како таков дали е сеуште објект заштитен како културно наследство, односно дали може да биде бидејки се работи за сосема нов објект?

Ако не, кој си зел за право да ја поништува Одлуката за објектот за заштитено културно наследство, за да се гради нов објект.

Ако се работи за реконструкција, дали има Имотен лист на кој е запишан објектот, што е основ за Одобрение за реставрација и реконструкција и примена на Правилникот за ослободување од комунали.

Ова се прашањата на кои власта треба да даде одговор, не за вработените во општина Струмица, туку за граѓаните да ја знаат вистината.” – рече Кирил Парталов на денешната прес – конференција.

 

Comments are closed.