Панче Орцев: Струмичани се сеќаваат на празните ветувања на Силвана Бонева, Славе Гошев, Васил Пишев и министерката Елизабета Канчевска Милевска

Денеска во просториите на ОО СДСМ – Струмица се одржа прес конференција по повод  поставувањето камен темелник на стариот струмички театар од премиерот Никола Груевски. Во прилог, интегрален текст:

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани.

Ете, и тоа се случи. Струмичката јавност денес беше сведок на јубилејната петта по ред фотосесија на луѓето од ВМРО ДПМНЕ пред стариот струмички театар. Петто по ред парадирање и сите до едно пред избори.

Струмичани се сеќаваат на празните ветувања на Силвана Бонева, Славе Гошев, Васил Пишев и министерката Елизабета Канчевска Милевска од типот: „Струмичкиот театар  кај и да е ќе почне да се реконструира“. Од осум години власт, таквото ветување датира од 2009 година или полни пет години. Денес бевме сведоци на уште еден предизборен театар пред струмичкиот театар, овој пат со Никола Груевски во главна улога.

За разлика од премиерот, струмичани добро го знаат значењето на струмичкиот театар. Токму затоа ние пратениците од СДСМ секоја година при донесување на буџетот на Република Македонија со амандмани баравме обнова на струмичкиот театар, но секогаш тие беа одбивани од страна на власта.

Отворено го прашуваме премиерот Груевски, кој го издал одобрението за градење, во која постапка е тоа сторено и дали е регулиран надоместокот за комуналии?

Ако одобрението за градење е издадено утрово, како што рече Груевски, тогаш како тоа веднаш станало правосилно?

Господине Груевски дали ја испочитувавте законската процедура за изградба на театарот или е ова уште еден ваш предизборен маневар?

Comments are closed.