OO СДСМ – Струмица: Изборите се уште не започнале, а предизборниот караван на власта веќе е во поход

Прес конференција на Марина Никова, портпарол на ОО СДСМ Струмица, 02.02.2014 година.

Почитувани,

Изборите се уште не започнале, а предизборниот караван на власта веќе е во поход.

Не знаеме зошто, но како никој да не е изненаден! Се е веќе видено.

Повторно, како и многу пати досега, цела свита од државни чиновници и министрите на владата, на чело со нивниот водач, тргнаа по гласови низ градовите и селата. Тргнаа да сечат ленти и да поставуваат темелници, да му сеат лаги, ветар и магла на осиромашениот и обесправениот македонски народ.

А само пред неколку дена го потпишаа новиот изборен законик и ветија фер и демократски избори. Ветија чиста и чесна кампања и стоп на злоупотребата на државните пари и ресурси. За малку ќе им поверувавме.

Но, еве конкретно за вчерашните ветувања. Не од министрите, туку директно од премиерот.

Тој вети реконструкција на новото крило на општата болница во Струмица. Најави како да станува збор за шупа или објект во распаѓање. Објект во карабина кој требало да се реконструира од темел до кров. А истовремено, контрадикторно најави дека станува збор за простор од над 6 илјади метри квадратни во кој ќе се сместат оперативните одделенија од постоечката болница и плус идниот ургентен центар кој веќе неколку пати требаше да проработи.

Инаку, за ваша информација доизградбата на новиот крак од болницата чини околу 3 милиони евра – колку што тежи еден од вашите „малку неетички“ тендери.

Затоа,  прашуваме:

Зошто до сега никој  не кажа дека објектот на новото крило од општата болница во Струмица е во толку лоша состојба што ќе мора да се реконструира од темел до кров?

Можат ли да се сетат колку пати во последните 8 години, од кога се на власт, ветија оти ќе го завршат овој дел од болницата, го отвораа, се сечеа ленти и се правеа партиски банкети и реклами.

Каде е скапата опрема за опремување на овој дел што за секои избори се најавуваше, како, само што не стигнала?

Зошто премиерот и овој пат не кажа која е вистинската причина што болницата во Струмица не се вклучи во гасоводната мрежа на единствениот гасифициран град во Македонија? А истовремено, секоја вечер, преку партиските медиуми ни ги откриваат предностите од гасификацијата што некогаш треба да и се случи на Македонија.

И уште едно прашање:

Случајно вчера да не се збуни премиерот? Нели вети поправка на темелите на неколкукатна болница. Да не мислеше на барокна фасада?!

А по грешка, поправката на темелите да не ја прочита од проектот за реконструкција на стариот струмички театар, со кој, исто така, се рекламира пред секои избори?

Comments are closed.