Градоначалникот Заев и евроамбасадорот Орав промовираа проект финансиран од ЕУ

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и евроамбасадорот Аиво Орав, денеска присуствуваа на промоцијата на документарниот филм „Пластични соништа – Животот на неформалните собирачи на отпад“ во рамките на проектот „Вклучување на неформалните собирачи на отпад во формалниот систем за управување со отпад во земјата“, финансиран од Европската Унија.

-Се заблагодарувам на ЕУ како финансиер на еден ваков прекрасен проект кој отвора многу значајна тема од секојдневниот живот на нашите сограѓани, поврзана со екологијата, пластичниот отпад и неговото се поголемо присуство во општеството, но и со животото на еден дел од нашите сограѓани кои егзистираат од оваа    дејност , помагајќи им на комуналните претпријатија.

Ние сме вклучени како јавна институција, надлежна за собирањето на отпад, каде што со помош на невладините организации, носители на проектот ќе се обидеме да направиме акционен план кој овие неформални собирачи на отпад ќе ги стави во формална материја и сето тоа ќе биде законско организирано, а секако ќе придонесе за подостоинствен живот на овие наши сограѓани кои најмногу ги има од ромска и турска националност. Тие од оваа работа ги хранат своите семејства и дефинитивно помагаат на комуналните претпријатија поради тоа што штедат силни ресурси од транспортните средства, горивата што се користат, простор од депониите и со тоа на еден начин ја помагаат локалната заедница, завршуваат општествено корисна работа од која егзистираат и собирачите и нивните семејства. Се надеваме дека со вклучувањето во формалниот систем, неформалните собирачи на отпад ќе имаат подостоинствен живот, рече градоначалникот Заев.

Евроамбасадорот Орав му се заблагодари на градоначалникот Заев што ги отвори вратите на општината за реализација на проектот и што презема чекори за изготвување на акционен план за формализирање на неформалните собирачи на отпад.

Според реализаторите на проектот, во Македонија постојат 5 илјади неформални собирачи, кои годишно собираат и рециклираат преку 40 илјади тони отпад.

Comments are closed.