Марјан Даскаловски: Дрскоста на власта на Никола Груевски нема граници

Претседател на ОК СДСМ Струмица, Марјан Даскаловски, одржа денеска прес – конференција на која обвини дека „централната власт се меши во ингеренциите на локалната власт’’.

Во продолжение интегрален текст од прес – конференцијата.

Почитувани,

Дрскоста на власта на Никола Груевски нема граници. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ си поигруваат и со граѓаните. Дури и со нивните партиски војници. Откако им ветија вработување во Јавното претпријатие Македонски шуми пред цела македонска јавност, сега не знаат што да прават со нив па, замислете им наложуваат на општините да ги примеле во јавните претпријатија?!

Станува збор за околу 500-тини лица за кои се бара да бидат вработени по јавните претпријатија из земјава.

Овој допис, со печат од Владата на РМ, што наликува на внатрепариска директива на ВМРО-ДПМНЕ е доставен вчера до повеќе општини во земјава, меѓу кои и до општина Струмица.

Во него еве што стои:

„Владата на Република Македонија им УКАЖУВА НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ОПШТИНИТЕ ВО СОРАБОТКА СО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА КОИ СЕ ПОД НИВНА НАДЛЕЖНОСТ ДА ИЗВРШАТ ИЗМЕНИ НА АКТИТЕ ЗА СИСТЕМАТИЗАЦИЈА ЗА ДА ГИ РАСПРЕДЕЛАТ ВЕЌЕ ПРИМЕНИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО Ј.П МАКЕДОНСКИ ШУМИ“!

Ова е апсолутно мешање на централната власт во ингеренциите на локалната власт.

СДСМ најостро реагира на овој најнов обид за партизација, манифестирање апсолутизам и централизирана управа од страна на Владата на Никола Груевски.

Очигледно дека власта на Груевски се пресметала дека нема пари за 500-те вработени во Македонски шуми, кои се излажани и за кои сега се бара чаре.

Но тоа е проблем на Никола Груевски и Зоран Ставрески. Кои си играат со човечки судбини. Тоа е вистинското лице на премиерот Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Благодарам.

Comments are closed.