Во една училница 45 ученици, а министерствот за образование не дава согласност за вработување на уште еден наставник

Околу триесетина родители денеска протестираа во дворот на подрачното училиште „Маршал Тито“ во Банско затоа што нивните деца немаат нормални услови за следење на наставата на турски јазик во прво одделение. Тие се пожалија дека во една училница учат 45 деца кои немаат ни доволно место за седење, а уште помалку за учење.

-Нашиот проблем е во тоа што имаме многу деца, а немаме доволно учители и условите во училницата се многу лоши. Бараме уште еден учител за нашите деца бидејќи се многу и не можат ништо да научат, рече Мемед Османов, родител.

Родителите се заканија, ако не се реши проблемот нема да ги пуштаат децата на училиште.

-Јас имам две деца во прво одделение, во училиштето е многу тесно, 45 деца на едно место не можат да учат, училницата им е мала, многу е топло, немаат доволно воздух и им станува тешко. Ако не донесат уште еден учител ние децата нема да ги пуштаме повеќе на училиште, нека си седат дома и колку знаат толку, рече Јаша Петиков, родител.

И Шехерезада Демирова, единствениот наставник на овие ученици, го потврди проблемот, истакнувајќи дека еден час и е потребен само за да им најде место за седење на учениците.

-Јас имам 45 ученици, а часот трае 40 минути и замислете каква е таа настава што јас ја изведувам за овие деца, немам ни една минута по еден ученик. Досега некако се справував со проблемот, еден дел од учениците ги оставав надвор со другите ученици на час по физичко, но сега времето залади и сите ученици морам да ги приберам внатре. Навистина е многу тешко, првиот час ми поминува само додека да им најдам место за седење на сите ученици, рече  Демирова.

Во одделението за образование при општина Струмица веќе подолго време се прават напори за решавање на проблемот.  Според Соња Чурлинова, раководител на одделението, до министерството за образование доставени се две барања  за добивање согласност за вработување на еден наставник по одделенска настава на турски наставен јазик во подрачното училиште во Банско, но одговор се уште нема.

Comments are closed.