Парталов: Господо од ВМРО-ДПМНЕ, треба да објасните како, на кого и колку МЗШВ и другите институции исплаќале и кој и каква проценка извршил

Секретарот на Општина Струмица, Кирил Парталов денеска одржа прес како реакција по повод обвинувањата  од ОК ВМРО ДПМНЕ во врска со поплавите и обесштетувањата. Во прилог, интегрален текст:

Почитувани,

После вчерашниот одговор од ВМРО-ДПМНЕ, станува јасно и повеќе од сигурно дека до сега Владата нема ништо направено во поглед на обесштетување на граѓаните од погодените подрачја со поплавите, согласно доставениот Елаборат за проценка на штети.

Сега им е потребно да ја манипулираат јавноста, да купуваат време, а најмногу од се да си играат со судбината на погодените семејства од поплавите.

Тие својата работа си ја завршија после поплавите во предизборниот период кога им беше потребно да се сликаат на погодените места од поплавите, да им ветуваат на граѓаните и да исплаќаат таму каде што им беше потребно.

Изборите завршија и веќе пет месеци граѓаните не им се потребни, односно, сега граѓаните им се потребни за да ги казнуваат преку разни инспекции за се и сешто, и можеби  на тој начин да соберат пари за да ги исплатат обесштетувањата.

Тврдењата дека Општинската комисија не постапила по Закон или дека таа не треба да врши проценка, се смешни и паушални.

Треба да си ги прочитаат Законите и другите прописи кои ја уредуваат материјата за заштита и спасување и ќе им стане јасно.

Или само нека проверат, како и кој  во претходните години во вакви случаи,  вршеше проценки и се исплаќаа средства.

Но, на  граѓаните не ги интересираат Законите или законските одредби по кои треба да бидаат обесштетени – важно е тоа да се изврши.

Вие господо од ВМРО-ДПМНЕ, треба да објасните како, на кого и колку  МЗШВ  и другите институции  исплаќале и кој и каква проценка извршил.

Тие прашања ги поставивме и вчера, ги поставуваме и денес, тоа се прашања од граѓаните тоа ги интересира граѓаните – а одговор нема.

Објаснете им го на граѓаните Законот за земјоделство и рурален развој, и согласно него Уредбата донесена на 19 март во време на поплавите, врз основа на која претпоставуваме дека се вршат обесштетувања. Кој има право, а кој не согласно овие прописи да биде обесштетен. Лесно беше да ветувате-сега треба да извршите или барем да објасните.

Постапката за обесштетување согласно Законите од областа за заштита и спасување е едно, а постапката за обесштетување согласно Законот за земјоделство и рурален развој друго.

Тоа да го објасните на граѓаните, за Вас не претставува  тешкотија-еве Ви можност за нови реклами за кои ќе се потрошат тешки пари, а за оштетените пари ќе нема.

И на крај, кога веќе толку ги спомнувате 400-те барања, еве ви и одговор.

За што се работи!

Имено, вакви барања до општина Струмица нема доставено, туку се работи за записници доставени до општина Струмица од МЗШВ, кои што записници се доставени до општина Струмица после усвојувањето на Елаборатот за проценка на штетите, односно после законскиот рок за изготвување на елаборатот.

Е, сега вие објаснете им на овие граѓани од кои причини и  зошто МЗВШ не ги зело во предвид и ги доставува до општина Струмица, а зошто пак  некои се земени во предвид.

Инаку, за волја на вистината ако проверевте во Елаборатот, сите овие граѓани за кои има испратено Записници, се опфатени во елаборатот и за сите нив има извршено проценка за штети, не затоа што Министерството побарало така, туку  затоа што Општинската администрација и Комисијата за штети навремено, професионално неселективно и законски си ја завршиле својата работа.

Значи овие околу 400 наводни барања не се пречка за обесштетување на граѓаните.

Елаборатот на општина Струмица за проценка од поплавите е достапен до јавноста и секој може да го види, дали се достапни и вашите елаборати или решенија од повеќе институции  кои вршеа или се уште вршат надоместување за штетите.

Comments are closed.