Општина Струмица одговори по повод обвинувања за штетите од поплавите

Секретарот на општина Струмица, Кирил Парталов, реагираше по повод прес конференцијата кој го одржа завчера  општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ на кој СтрумицаСити не беше повикан, за полпавите и штетите во Струмичкиот регион.

Во прилог интегрален текст од денешната прес-конференција на Кирил Парталов, секретар на општина Струмица:

Почитувани,

Во одговор на завчерашниот  прес на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а по повод поплавите и штетите од поплавите во Струмичкиот регион  од 25, 26 и 27 февруари 2013 година, на која беа изнесени сериозни обвинувања на сметка на Општинската администрација, го истакнуваме следното:

Со завчерашниот прес на  ВМРО-ДПМНЕ, Советникот Душан Спасов  се надмина самиот себе во докажување на тоа што е исправно околу поплавите и како се обесштетуваат, односно не се обештетуваат оштетените граѓани, и што тоа Владата направила околу обесштетувањето, а Општината не.

Во самиот прес се искажани ноторни невистини и лаги и непознавање на материјата односно законите кои ја уредуваат оваа област.

Еве ги фактите.

Општина Струмица во случај на елементарни непогоди постапува единствено согласно Законот за Заштита и спасување, како и Уредбите и Методологијата кои ја уредуваат оваа област, и тоа преку Комисија формирана од Советот на Општина Струмица, а не општинската администрација.

Општинската администрација беше должна што и го стори тоа, да обезбеди материјално-технички и други услови за работењето на Комисијата.

Согласно Прописите, Комисијата пак навремено изврши проценка, а не,, констатација,, почитуван Советник и донесе Елаборат за кој покрај сите присутни советници, значи едногласно, гласавте и Вие, во кој Елаборат „голем удел,,  имавте и Вие исправајќи неколку технички грешки.

И тука завршува надлежноста на Општина Струмица.

Од самиот елаборатот може да ги прочитате бројките – решени се 1444 барања на граѓаните во законскиот рок од 60 дена.Тогаш Комисијата доби и признание за извршената работа од Советот на Општина Струмица.

За кои 400 барања зборувате господине Спасов?

За каква одговорност зборувате!

Е, тоа ке мора Вие да го одговорите на граѓаните – дали од позиција на Советник во општина Струмица или пак како Советник кој ги штити интересите на Владата.

Вистината е една.

Општина Струмица, согласно Прописите од оваа област навремено си ја заврши својата обврска -  усвои и достави Елаборат за проценка на штети до Владата на РМ во рок од 60 дена од завршувањето на елементарната непогода.

Понатаму, Републичката комисија за проценка на штети која е формирана од Владата на Република Македонија, должна е да изготви збирен извештај и истиот да го достави до Владата.

Рокот за ова беше 120 дена од настанувањето на непогодата или до крајот на месец јуни.

Еве, веке петти месец после оваа обврска ниту ние, ниту граѓаните немаат одговор од Вашата Влада дали и кога ќе се гледа овој извештај, и дали и кога ќе се исплаќаат штетите.

Претпоставуваме се чекаат наредни избори и во стилот на оваа Влада тогаш  да се исплатат штетите, ако воопшто се исплатат.

И на крај неколку прашања за  оние 400 барања.

Кога и каде се поднесени?

Дали и како се исплаќаат?

Дали се тоа барања поднесени до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој или каде на друго место?

Дали вашата партиско – земјоделска комисија се уште не успеала да ги разгледа, па затоа не се решени!

Граѓаните имаат право да ги знаат одговорите за овие 400 барања  кога веќе ги спомнавте  во Вашиот прес.

Comments are closed.