Прес на СДСМ: Додека објектот се распаѓа, и локалната и државната власт плаќаат високи кирии за сместување на своите служби

ОО СДСМ Струмица денеска одржа прес – конференција  по повод „лошата состојба и неискористеноста на објектот во центарот на градот кој е во државна сопственост, каде што беше сместена поранешната полициска станица’’.

Во продолжение интегрален текст:

“Почитувани претставници на медиумите,

Ве повикавме денеска овде, за да се уверите на лице место Вие, а преку Вас и граѓаните, како владата на Никола Груевски, која се фали со домаќинско работење, се грижи за имотот на државата.

Ова зад мене е зградата во која до пред 4 години функционираше Секторот за внатрешни работи на Струмица.

Владата на Груевски го пресели СВР одовде иако зградата беше функционална и повеќепати реновирана.

Еве што оставија зад себе. Рушевина! Во центарот на Струмица!

Објектот кој е во државна сопственост, со над 10 илјади метри квадратни, е обраснат во дрвја и трева и се распаѓа. Стана лесна мета на крадците. Најголем дел од прозорците и вратите се искршени. Се вади паркетот, електричната инсталација и се што е вредно во него, за што се трошеле народни пари!

Додека објектот се распаѓа, и локалната и државната власт плаќаат високи кирии за сместување на своите служби.

Во зградата на општина Струмица се сместени дел од подрачните единици на министерствата. Општината е принудена да се снаоѓа за  дел од своите служби.

Почитувани,

Главниот слоган на власта е ОСТВАРУВАМЕ.

Да, господо, остварувате, ама во вашите пералници за пари од Скопје 2014.

Еве како овде не остварувате, туку уништувате!

Господа од власта,

Грижата за државата  се покажува со чување на тоа што е создавано од генерации и генерации, а не со негово уништување.”

 

Comments are closed.