Струмица единствениот град во Македонија во проектот „Мој град се подготвува’’

Во Домот на АРМ денеска се одржа презентација на проектот „Мојот град се подготвува’’ чија цел е градовите и локалните самоуправи да се подготвуваат за справување со несреќи и катастрофи, да работат на намалување на ризиците од истите и да станат еластични кон кризи.

Струмица е првата и единствена општина во Македонија вклучена во овој проект кој се реализира во партнерство на општината со Обединетите нации и Интернационалната стратегија за намалување на ризикот од катастрофи на ОН.

На денешната презентација учествуваше градоначалникот Зоран Заев кој упати јавна благодарност до УНДП за одличната соработка преку која се реализирани бројни проекти, кои се од големо значење за граѓаните , а ја нагласи и помошта од 100 илјади долари што општината ја доби по катастрофалниот пожар во 2012 година. Тој изрази задоволство што Струмица е прва општина во Македонија, вклучена во проектот „Мојот град се подготвува“:

„Струмица е подрачје кое што е подложно и на земјотреси, на пожари и поплави, а тоа значи дека ако однапред бидеме сите подготвени, секако и последиците од самите катастрофи ќе бидат минимални. Морам да ги уверам сите граѓани од овој регион, дека, взаемната соработка помеѓу Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, противпожарната станица, сите локални институции, Здравствениот дом, медицинскиот центар и сите повикани институции, во пракса е веќе спроведена со координирани активности кои што не прават поспокојни во делот на нашата подготвеност. Остануваме и во иднина целосно посветени, затоа што климатските промени си го прават своето, а ние како општество мораме да бидеме подготвени брзо да реагираме се со цел да го заштитиме животот на нашите граѓани и имотните добра со кои располага нашето општество’’ – изјави градоначалникот Заев .

Во „Мој град се подготвува’’ учествуваат 1539 градови од целиот свет, а општина Струмица се вклучи во декември 2011 година.

Comments are closed.