Младите за Глобална едукација преку проектот на Контекст – Струмица

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ со помош на програмата за поддршка на невладиниот сектор и повикот на одделението за Локален економски развој при општина Струмица започна со реализација на активностите од проектот, кампања за Глобална Едукација.

Ова здружение веќе неколку месеци се обидува со своите проектни активности да постави нов модел кој ќе промовира најразлични аспекти од областа на културата, како и заштита на културното наследство. Со својата програма ги следи светските и европските трендови и програми  од таа област, во обид да придонесат за подигањето на степенот на развој на културата со примена на глобално признати модели на граѓанско дејствување.

Од Контекст – Струмица велат дека Глобалната едукација е основна алатка со која можат да се развијат ставови и однесувања за прифаќање и развој на соработка меѓу нациите, во овој контекст е и основната потреба на здружението да се приклучи кон современите текови на едукативни процеси кои се одвиват на светско ниво и да се развие свесноста за потребата од соработка со „другиот“ како и да се развие активно глобално граѓанство.

-Ние како здружение сме среќни што ова е прв официјален  проект во соработка со општина Струмица во нашето седуммесечно постоење. Се надеваме дека во иднина ќе имаме можност да се посветиме повеќе на оние практични и едукативни проекти со кои ќе се обидеме да направиме група на млади луѓе кои би биле активно вклучени во општеството и чии идеи и визии би биле на дело видливи за целиот град, рече Митко Гогов од здружението Контекст – Струмица.

Меѓу многуте активности со кои Контекст ќе се обиде да ја промовира својата програма и задачи пред заинтересираните граѓани на општина Струмица ќе бидат неколку работилници, предавања, онлајн галерија со флаери и плакати, проекции на едукативни и документарни филмови, промоција на краткометражно видео кое ќе биде изработено специјално за овој проект, како и изработката на прирачник кој ќе биде презентиран во последната фаза од реализацијата на проектот Глобална едукација.

Comments are closed.