Интервенции на ТППЕ – Струмица во изминатата недела

Во изминатата недела територијалната професионална противпожарна единица на Струмица имала вкупно три интервенции. Со пожарникари и возила се интервенирало на две  локации во градот, на улиците „Боро Поцков“ и „Маршал Тито“ и тоа  во гаснење на запалени електрични кабли и гаснење на запален оџак од угостителски објект. Освен во градот, пожарникарите имале работа и во населеното место Просениково . Таму гаснеле запалено стрниште. Со брзото делување на противпожарната единица во сите три случаи, се спречени последици од поголеми размери.

Временска прогноза за понеделник, 15 октомври

Времето денес облачно со можни врнежи. Температурата нешто повисока од вчера, до 27 степен.

И Струмичани во хуманитарната акција – ,,Недела против гладта”

По повод ,,Светскиот ден на гладта” 16 октомври, денеска на плоштадот ,,Гоце Делчев” од 11 – 15 часот беше поставен штанд на кој граѓаните доносеа храна за најсиромашните семејства во Струмица и така ја помогнаа оваа хуманитарна акција. Струмичани донираа за своите сограѓани зејтин, шпагети, макарони, конзервирана храна, млеко, чоколада…

Сите кои сакаат, а денеска не беа во можност да ја покажат својата хуманост, тоа можат да го направат и утре во периодот од 10 – 15 часот кога на истото место (плоштад ,,Гоце Делчев”) ќе биде поставен истиот штанд. Севкупно собраната храна ќе биде поделена на најзагрозените семејства во вторник во Дом на АРМ, а тогаш и официјално ќе биде одбележан Светскиот ден на гладта.
Хуманитарната акција ја организира ,,Банка за храна на Македонија“ во соработка со ,,Здужение на жени Струмица”, а подржана е од локалната самоуправа и градоначалникот Зоран Заев.

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.281721941944391.66113.261733853943200&type=1

Временска прогноза за недела, 14 октомври

Времето денес променливо облачно со можни врнежи во подоцнежните часови.

Дневна температура до 23 степен.

Започна тродневниот Фестивал на новиот германски филм

Франк Штесел, прв секретар на германската амбасада, синоќа го отвори Фестивалот на новиот германски филм во НУЦК ,,Антон Панов”.
,,Драго ми е што сум по втор пат во Струмица да го отворам фестивалот. Минатата година имавме добар избор на германски филмови, и оваа година се надевам дека сме направиле добар избор за граѓаните на Струмица. Оваа година имаме многу различни филмови, од фантазија до детски филм, како и победникот за краток филм” – изјави Франк Штесел на отварањето на фестивалот.
Првиот филм кој беше представен синоќа е комедијата ,,Машки срца… и голема љубов”, а вечерва на програмата се наоѓаат два филма: ,,Конференција на животните“ – филм за децва со почеток во 19:00 часот и ,,Прозорец кон летото” – драма со почеток во 21:00 часот.

 

 

 

http://www.facebook.com/media/set/?set=a.281353158647936.66024.261733853943200&type=1

Колумна: Неискористени квалитети или неоткриени идентитети?

автор: Гонце Ѓоргиева

Колку и да звучи типично македонски првиот дел од насловот е проблем застапен на секое поднебје каде што има неоткриени идентитети. Насловот е тежок, да. И моите реченици можеби тешко ќе ги прочитате, не велам не. Но за да не сте неоткриени идентитети дејствувањето и промените треба најлесно да ги започнете!

Уште од мали нозе учиме дека секој од нас е различен и дека не постојат две идентични единки (освен клонот на Жаде). Постепено, како што изминуваат годините, колку што пубертетот сè повеќе се обесува на нашиот врат, чувствуваме дека и ние сме дел од палетата во која се испомешани еден тон бои. Се среќаваме, општиме и живееме со лица кои во себе имаат најразлични човечки состојки.
Колку и да шеташ од една во друга средина и колку земји да посетиш, никогаш нема да изброиш колку различни карактери постојат.

Гледано според нивната активност, јас ги сврстувам луѓето во три групи.

Првите се гушат во својата пасивност, направиле дупка од лежење на креветот и што е најлошо, не можат да се разбудат од својот сон кој не можам да го наречам зимски ами долгогодишен. Ако не спијат, тогаш пукат од досада и… мора пак да си легнат. Ако обично распустот трае три месеци кај нив трае три години на трета.
Втората група ја викам сезонски работници. Знаат за распуст, но и за активен живот. Е сега, дали двете полугодија ќе ги поминат со одличен успех не зависи од нив. Зошто? Па ќе бидат толку успешни и толку активни колку што некој ќе ги влече за нос. Малубројна е оваа група која ќе биде активирана само ако биде од некого ангажирана. Тие најчесто се бранат со прашањата: Сам да мрднам со прст? Која е мојата корист? Зошто да не седам пред компјутер или ТВ?

Тргнувајќи од првата кон третата, бројноста на нивните членови сè повеќе се намалува.

И конечно, нејзиното височество, третата група. Слободно сместете се овде ако вашиот немирен дух не ве остава да се наспиете, ако вашите идеи не дозволуват да почувствувате болка или умор или ако креативноста не внимава дали е ден или ноќ и ве напаѓа каде и да сте. Објаснувањето на оваа група звучи како Дормео реклама која ќе ви понуди мир и спокој. Ама вистински спаѓате во оваа група ако успехот е ваш духовен мир, сработените проекти – ваша духовна храна, а постојаната активност – извор на позитивна енергија.

Откако се препознавте, треба да сфатите дека КВАЛИТЕТИТЕ не изостануваат во никоја група. Сите човечки особини може да ги претставиме на палетата во која има многу бои, но секогаш, барем една од нив сјае најсилно.

Таа наша најдобра нитка треба да ја препознаеме, активираме и надоградуваме.
Никој не може да биде подобар менаџер на нашите квалитети од нас самите. Неоправдано е плукањето дека еден куп потенцијал останува неискористен ако чекаме друг да го активира.
Пасивните луѓе имаат неоткриени идентитети. Краткото време додека се будни го користат на исмевање на оние кои немаат проблем со својот идентитет (активноста, идеите, влијанието во општеството). Поголемиот дел од времето – топ не ги буди!

автор: Гонце Ѓоргиева

Временска прогноза за сабота, 13 октомври

Времето денес променливо облачно со можни врнежи во вечерните часови. Дневна температура до 25 степен.

Соопштение од Општина Струмица

Се известуваат сите граѓани на општина Струмица дека во периодот од 17 октомври до 07 ноември 2012 година, на иницијатива на Градоначалникот, согласно законските и статутарните овластувања, ќе се одржат собири на граѓани во урбаните, односно месните заедници.

-    За I, III, IV и V урбана заедница собирот ќе се одржи на 17.10.2012 година во големата сала на Дом на АРМ, со почеток во 19 часот;
-    За II, VI, VII и VIII урбана заедница собирот ќе се одржи на 18.10.2012 година во големата сала на Дом на АРМ, со почеток во 19 часот;
-    Во с. Градско Балдовци собирот ќе се одржи на ден 24.10.2012 година во училиштето, со почеток во 18 часот;
-    Во с. Куклиш собирот ќе се одржи на ден 24.10.2012 година во салата на Дом за култура, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Банско собирот ќе се одржи на ден 26.10.2012 година во училиштето, со почеток во 18 часот;
-    Во с. Габрово собирот ќе се одржи на ден 26.10.2012 година во училиштето, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Дабиле собирот ќе се одржи на ден 31.10.2012 година во салата на Дом за култура, со почеток во 18 часот;

-    Во с. Муртино собирот ќе се одржи на ден 31.10.2012 година во салата на Дом за култура – спортска сала, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Вељуса собирот ќе се одржи на ден 01.11.2012 година во канцеларијата на месната заедница, со почеток во 18 часот;
-    Во с. Баница собирот ќе се одржи на ден 01.11.2012 година во училиштето, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Добрејци собирот ќе се одржи на ден 02.11.2012 година во училиштето, со почеток во 18 часот;
-    Во с. Просениково собирот ќе се одржи на ден 02.11.2012 година во канцеларијата на месната заедница, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Рич собирот ќе се одржи на ден 04.11.2012 година во продавница на сред село, со почеток во 18 часот;
-    Во с. Попчево собирот ќе се одржи на ден 04.11.2012 година во училиштето, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Раборци собирот ќе се одржи на ден 05.11.2012 година во училиштето, со почеток во 18 часот;
-    Во с. Костурино собирот ќе се одржи на ден 05.11.2012 година во салата во Дом за култура, со почеток во 20 часот;
-    Во с. Сачево собирот ќе се одржи на ден 07.11.2012 година во канцеларијата на месната заедница со почеток во 18 часот;
-    Во с. Свидовица собирот ќе се одржи на ден 07.11.2012 година во училиштето, со почеток во 20 часот.

Денот, часот и местото на одржување на јавните собири јавно ќе бидат објавени и во просториите на урбаните, односно месните заедници, на огласната табла во зградата на локалната самоуправа и на веб страната на општина Струмица.

Фросина Андреева најдобар млад библиотекар во Струмица

Фросина Андреева ученичка во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ од Струмица е најдобриот млад библиотекар, така денеска одлучи  жири комисијата на општинскиот натпревар „Млади библиотекари“ што се одржа во библиотеката „Благој Јанков Мучето“ во Струмица. На натпреварот кој се оддржа по десетти пат учествуваа 30 кандидати од општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. По прегледувањето на тестовите со 20 прашања, а кои беа под шифра, жири комисијата во состав Тања Гошева виш библиотекар, Наташа Василевска Трајчевска библиотекар и Аница Глигорова Милева библиотекар и магистер по културологија, констатираа дека ученичката Фросина Андреева покажа најдобар резултат со освоени максимални 186 поени. Како првонаграден учесник на општинскиот, Фросина Андреева ќе учествува на републичкиот натпревар „Млади библиотекари“ кој на 19 октомври ќе се одржи во Скопје.

 

Во недела акција ,,Недела против гладтa’’

По повод Светскиот ден на гладта, “Банка за храна Македонија’’ заедно во соработка со ,,Организација на жени од Струмица’’ во недела организира хуманитарна акција ,,Недела против гладта’’.
На плоштадот Гоце Делчев во терминот од 11:00 – 15:00 часот ќе биде поставен штанд на кој ќе се продава храна, а средствата соберени од продажбата ќе бидат донирани за храна на гладните и бездомните лица.

Сите заинтересирани кои имаат желба да учествуваат во оваа акција тоа може да го направат на следните начини: да волонтираат за реализација на ,,Недела против гладта’’, да подготват храна и ја донесат на штандот и исто така, да купат храна и ја подарат истата.
POP