Category: Струмица

Раце кои од овошје создават уметност – Розита Бојчовска

,,Никогаш однапред немам идеа што ќе направам, но кога ќе го направам првиот рез на лубеницата, испирацијата се појавува и се тече лесно” – го започнува разговорот Розита Бојчовска која единствено таа во Струмица се занимава со правење на украсни декорации од овошје и зеленчук.

,,Се започна како љубопитност и хоби, а потоа прерасна во нешто посериозно и сега тоа е еден дел од мојата работа. Пред повеќе од година дена гледав како љугето праваат икебани од овошје на Интернет, ми делуваше интересно и необично, а кога самата пробав да направам нешто слично од помала лубеница и од прв обид успеав да направам украс, сфатив дека го можам тоа и јас” – продолжи Розита.

За правење на разни фигури се користи секаков вид на сезонско овошје и зеленчук, најлесно се обликува лимонот и протокалот, додека најмногу потешкотии и создава тиквата: ,,Таа е тврда, и тешко се ,,припотомува” за добивање на саканиот облик, додека лубеницата е најпогодна и дава најмногу можности за играње бидејќи има три бои кои можат да се комбинираат на различни начини.” – рече Розита.

Од модриот патлиџан на пример може да направи пингвин, од домат – кошница, лубеницата може да и послужи како глава од Мики Маус, а портокалот како ѕвезда, од цвеклото – цвет, од тиква може да се направи орел или свеќник, од јајца Кинез…
,,Најинтересно што имам направено досега е лубеница со два лебеда во вид на срце, а во средината 3 ружи. Тоа е доста барано бидејќи е погодно за разни свечености, а мене таа декорација ми е една од омилените” – објаснува Розита.

Иако оваа работа одзема доста време, од 3-4 часа се потребни за посвета на една декорација, таа не се жали бидејќи за нејзе тоа е еден вид на релаксација: ,,Времето додека создавам украси од овошје и зеленчук е време за мое психичко и физичко опуштање. Кога ќе пуштам музика и почнам да работам, јас сум на некоја врста одмор” – заврши Розита.

M.M.

Јањушевиќ во КК Струмица?

Кошаркарот Милан Јањушевиќ можеби наскоро ќе заигра во КК Струмица. Како што пишува македонскиот портал supersport.com.mk, Јањушевиќ е блиску до потпишување на договор со КК Струмица.

Јањушевиќ е роден 1983 година и по потекло е од Србија.  Тој има играно за тимовите како:  Црнокоса, Игокеа, Херцеговац, Тамис.

Во минатата сезона, Јањушевиќ играше за КК Куманово каде беше и еден од најдобри стрелци.

 

Се подговтува за бетонирање улицата „Бoшко Буха„

Општина Струмица почна со подготовките за бетонирање на една од најпроблематичните улици во повисокиот дел на градот „Бошко Буха“. Со овој градежен зафат трајно ќе се решат долгогодишните проблеми на жителите од турската националност што ги имаа по секои пообилни врнежи од дожд, со што ќе им се подобрат условите за живот. Наносите од кал, песок, чакал и разновиден отпад им создаваат сериозни проблеми пред дворните места. Токму поради ова со неколку екипи и механизација, општина Струмица почна со чистење на улицата од наносите од последните поројни дождови, кои на некои места достигнуваат и до еден метар, по што ќе се почне со бетонирањето. Со акцијата за чистење ќе бидат опфатени околу двесте метри од улицата на кои наносите се најголеми и им предизвикуваат сериозни проблеми на жителите од овој дел на градот.

Временска прогноза за четврток, 27 септември

 

Временска прогноза за четврток, 27 септември.

Летните денови продолжуваат. Денес ќе уживаме во уште еден летен сончев и топол ден. Дневна температура до 31 степен.

 

извор:www.weather2umbrella.com

Акција на ,,Комуналец” за чистење на полските канали во Куклиш

Екипи на ЈПКД “Комуналец“- Струмица почнувајќи од вчера ги чистат полските канали во селото Куклиш. Оваа акција е дел од големото есенско чистење во градот и населените места и е дел од Програмата за одржување на јавната чистота на територијата на општина Струмица.

Екипите на ЈПКД “Комуналец“ претходно го чистеа горниот дел од поројот на улицата “Крушевска Република“, преку вадење на наносите од песок и чакал и разновиден отпад.

 

 

 

Поетот Маџиров меѓу нобеловците Милош и Транстромер

Како што  пишува порталот Нова Македонија, каталонскиот весник „Каландриа“ го вброи македонскиот поет Никола Маџиров меѓу нобеловците Чеслав Милош и Томас Транстромер.

Во статијата посветена на светската поезија весникот објави дека во каталонската поетска сцена постои празнина по автори од источните и северни делови на Европа.

 

- Точно е дека Чеслав Милош е широко објавен на каталонски јазик, но речиси ништо не е објавено од Никола Маџиров, Адам Загајевски и Томас Транстромер, поети од три различни генерации, се вели во весникот.

Маџиров е вклучен и во прилогот „Големите писатели кои дојдоа во Бугарија“ во бугарскиот весник „Б-њуз“.

Освен Маџиров, вклучени се најпреведуваната полска поетеса Ева Липска, српскиот прозаист Давид Албахари, Ги Гофет, рецензент на „Галимар“ и добитник на значајната француска награда за поезија „Гонкор“, каталонскиот романсиер Ким Монзо, како и авторот во израелските книжарници Едгар Керет, кој ја има добиено и „Златната камера“ на филмскиот фестивал во Кан.

Книгата „Преместен камен“, во превод на Роман Кисјов, а во издание на „Стигмати“ беше претставена во Софија во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Софискиот универзитет.

Превземено од www.novamakedonija.com.mk

 

 

 

Дупките во градот се асфалтираат

Екипи на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ денеска почнаа со асфалтирање на дупките во градот. Со асфалт ќе бидат пополнети сите дупки-прокопи од изведувањето на водоводна и канализациона мрежа и улично осветлување. Акцијата за асфалтирањето почна денеска од булеварот „Гоце Делчев“, таму со асфалт се пополнуваа дупките од изведувањето на новото улично осветлување од левата страна на  булеварот на излезот од Струмица кон населеното место Дабиле. Денеска за оваа намена ќе бидат потрошени 20 тони асфалт. Од ЈПКД „Комуналец“ најавија дека деновиве ќе бидат асфалтирани и дупките на улиците „Кирил и Методиј“, „Стив Наумов“, „Младинска“, „Крушевска Република“, „Борис Поп Димитров“, „Димитар Цветинов“, „Ката Поцкова“, „Мануш Турновски“, „Атанас Караман“, „Киро Абрашев“ и „Мара Минанова“.

 

За 10 дена „Ајверијада„ во Струмица!

Во организација на општина Струмица, на ден 06.10.2012 година со почеток во 12 часот на плоштад „Гоце Делчев„  ќе  се одржи традиционална манифестација „Ајверијада„.

Право на учество има  секоја домаќинка која ќе се пријави со една тегла домашен ајвар. Пријавувањето е секој ден најдоцна до петок 05.10.2012 до 16ч. во  дом на АРМ. Повеќе информации на телефон 034/321-456.

Најдобрите три домаќинки ќе бидат наградени:  прва награда 300 евра, втора награда 200 евра и трета награда 100 евра.

Градоначалникот Заев го посети здружението на глуви и наглуви лица во Струмица

По повод на Меѓународниот ден на глувите, градоначалникот Зоран Заев, денеска се сретна со членовите на здружението на глуви и наглуви лица во Струмица. Средбата помина во срдечна и опуштена атмосфера во која членовите му се заблагодарија на градоначалникот за досегашната соработка  и неговата несебична помош во решавањето на нивните индивидуални, но и заеднички проблеми што ги имаат во здружението. Откако се пожалија за тешката состојба во која се наоѓаат, присутните членови и на денешната средба побараа градоначалникот да им помогне да најдат работа, да се ослободат од плаќање на надоместокот за вода, да купат лекови, да ги поддржи на спортските натпревари во кои ќе учествуваат, но и да им помогне во уредувањето на просторот пред здружението, каде најчесто се собираат и дружат.

Информираа и дека планираат издавање на медицински прирачник за глуви и наглуви лица кој многу ќе им помогне во барањето на медицинска помош. Откако ги слушна нивните барања, градоначалникот Заев им рече дека, како и досега, така и понатаму, тој и општината во рамките на своите ингеренции ќе им помогнат во решавањето на нивните проблеми и во реализирањето на нивните идеи, се со цел да имаат поубав живот, со многу среќни моменти во него. Денешната средба се одржа во пресрет на меѓународниот ден на глувите лица – 28 септември.

 

Временска прогноза за среда, 26 септември

Уште еден сончев и топол ден во Струмица со дневна температура до 31 степен.

 

www.weather4umbrella.com