Category: Струмица

Првачињата од Струмица станаа членови на Детската организација

Денеска во НУЦК ,,Антон Панов” се одржи свечена приредба за првачињата кои оваа година по прв пат седнаа во школските клупи. Новите ученици дадоа свечена заклетва дека вредно ќе учат и ќе остваруваат добри резултати во новата учебна година.
Добредојде во школскиот свет и во Детската организација им посака и градоначалникот Зоран Заев кој ги прими првачињата во својот кабинет.
- Како што јас се гордеам со вас, како што се гордеат вашите родители и наставници, така и вие бидете горди на самите себе, бидејќи такви какви што сте, убави, умни и послушни, сте иднината на Струмица, иднината на Македонија и иднината на светот. Денешниов ден ви дава до знаење дека и покрај вашите училишни обврски, вие не престанувате да бидете тоа што сте. Вие останувате деца, а нам возрасните ни останува задачата да не ја нарушуваме вашата безгрижност и до крај да ги почитуваме вашите права загарантирани со Конвенцијата за права на детето на Обединетите нации. Тие ваши права ви го даваат заслуженото место во нашето општество и заедница, рече градоначалникот Зоран Заев.
Приемот во детската организација традиционално се случува во рамките на детската недела, која во Македонија се одржува од 1 до 7 октомври, а годинава нејзиното мото е „За поубав свет“.

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.278321218951130.65131.261733853943200&type=1

Временска прогоноза за петок, 5 октомври

Денеска сончево и топло со температура до 28 °C.

 

Претставници на Руската Федерација во работна посета на Струмица

Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев денеска беа домаќини на преставниците на Руската Федерација во Македонија: амбасадорот Олег Николајевич Шчербак, советник за економски прашања -Александар Лесин и член на протоколот во амбасадата Станислав Лупин.

Работната посета започна во кабинетот на градоначалникот на Струмица, а потоа продолжи со заедничко откривање на биста на рускиот космонаут Јуриј Гагарин која рускиот академик и скулптор Григориј Потоцки ја подари на Струмица во знак на пријателството помеѓу Македонија и Русија.

После тоа, градоначалникот Зоран Заев и неговите гости ѓи посетиjа откупниот пункт на „Агрофруктус“, фабриката за конзервирање на зеленчук и преработка на производи од зеленчук „Тргопродукт“ и фабриката за мебел „Ал-Мак“, а официјалната посета заврши со посета на манастирите во Вељуса и Водоча.

 

 

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.278070405642878.65070.261733853943200&type=1

АКТИВИРАЈ СЕ! НЕ БИДИ ОТПАД! Струмица се приклучи кон акцијата за отпад на 6ти октомври

Вчера асоцијацијата Ајде Македонија одржа состанок во Струмица со општините од југоисточниот регион на РМ со цел финализирање на акцијата на 6ти октомври. Секоја општина ќе организира акција за чистење проследена со едукација во училиштата. Целта на акцијата е да инспирира граѓански активизам и да развие свеста кај граѓаните на темата правилно управување со отпад. Покрај општините, секоја организација, фирма или неформална група граѓани можат да организираат или да се приклучи на одредена активност. Активностите кои може да се преземат се поделени во три категории и тоа, АКЦИЈА, ЕДУКАЦИЈА и ПРОМОЦИЈА.

Пример, под АКЦИЈА, можете да организирате или се приклучите кон акција за чистење или да ја однесете старата хартија во училишниот двор. Под ЕДУКАЦИЈА, организирајте или приклучете се на едукативно предавање или работилница. Под ПРОМОЦИЈА може да организирате Фејсбук или Твитер кампања или пак да направите Флеш моб.  За сите напоменати активности имате насоки, инструкции и материјали на вебстраната (www.ajdemakedonija.mk) што ќе Ви помогнат за успешно организирање на активностите.

Секоја активност мора поединечно да се регистрира. Тоа ќе обезбеди прегледност на активностите кои се реализираат во одредена општина со цел поврзување на граѓаните и промоција на активностите. Веб страната на Ајде Македонија (www.ajdemakedonija.mk) служи како сервис за информации и поврзување.

,,Секоја година во Република Македонија се прават 700.000 тони комунален отпад кој завршува на 54 општински депонии кои имаат капацитет да соберат само 70% (490.000 тони) од тој отпад. Останатите 30% (210.000 тони) завршува во реките, доловите, ливадите и слични локации избрани од самите граѓани. Со оваа акција целиме да придонесеме кон едуцирање на населението за намалување на отпадот кој се прави на годишно ниво (едукација и промоција) и да придонесеме кон отстранување на одредена количина на отпад од природата (акција) за почиста и поздрава животна средина.” – рече Антонио Јовановски

Словенци покажаа интерес за подобрување на енергетската ефикасност во Струмица

Фирма од Словенија е зинтересирана за подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти  во сопственост на  општина Струмица. Проектот ќе се реализира врз основа на јавно – приватно партнерство со општината. Во овој проект се избрани четири објекти  и тоа две основни и две средни училишта. Училиштата ја добија предноста од страна на општината заради подобрување на условите во кои учениците го следат воспитно-образовниот процес. Во тек се анализите што ги прават и фирмата и општината за предностите што ќе ги добијат  училиштата со зголемувањето на енергетската  ефикасност.

Временска прогноза за четврток, 4 октомври

Временска прогноза за четврток, 4 октомври

Денеска очекуваме пад на температурата. Во текот на денот ќе биде сончево и топло со дневна температура до 27 степен.

Струмичанка го програмира роботчето Нао да игра и зборува

Робот кој игра и зборува на македонски јазик, настана по едномесечниот труд на струмичанката Василија Узунова, постдипломец на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ).

,,Роботот Нао е сопственост на Лабораторијата за интелегентна роботика, а јас како своја семинарска работа го сработив овој проект во кој ,,го научив” да зборува македонски и да игра на музика.

По тој повод сакам да им упатам совет на идните студенти кои ги сакат информационите науки да се запишат на ФИНКИ и да може да имплементираат, програмираат и да ја покажат креативноста со што во иднина ќе има се поинтересни проекти” – рече Василија за StrumicaCity.

 

http://www.finki.ukim.mk/mk/studies/lab-inteligentna-robotika

Одржана шеесет и првата седница на Советот на општина Струмица

На денешната шеесет и прва седница на Советот на општина Струмица беше донесен статутот на друштвото за спортски дејности „Кошаркарски клуб Струмица“ АД Струмица, а се избраа и членови на одборот на директори. За извршен директор беше именуван Бошко Георгиев, а за членови на одборот на директори, Петар Божинов, Александар Ангелов, Горан Иванчев и Кирил Ахтаров.

Советниците донесоа и одлука за поставување на спомен биста на светскиот космонаут Јуриј Гагарин, кој има општо цивилизациско значење, во триаголникот на пресекот на улиците „Браќа Миладинови“ и „ Јанко Цветинов“. Бистата на Гагарин на општина Струмица и ја подари светски реномираниот руски скулптор Григориј Потоцки, како симбол на зближување меѓу Русија и Македонија. На денешната седница беа усвоени и предлог извештаите за работа на трите средни општински училишта „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“ и „Никола Карев“ во учебната 2011/2012 година, како и предлог годишната програма за работа во учебната 2012/2013 година. Исто така беа усвоени извештајот и програмата за работа на ЈОУДГ „Детска радост“ и програмата за изведување на екскурзии и слободни активности за учениците од основното општинско училиште „Маршал Тито“ во Струмица.

Советниците дадоа зелено светло за дополнувањето на годишната програма за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Струмица за 2012 година, а беше усвоен и извештајот за работата на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ за првите шест месеци од оваа година.

Временска прогноза за среда, 3 октомври

 

Временска прогноза за среда, 3 октомври.

Времето денес топло и сончево со можно заоблачување при крајот на денот. Дневна температура до 30 степен.

 

извор: http://www.weather2umbrella.com

Започна собирање на донации за Соборниот храм

Од 01 октомври  секое семејство и  фирма заедно со сметките за вода добиени од ЈПКД „Комуналец“ или од месната заедница, ќе добијат уплатница или платен налог на кој се испишани сите неопходни податоци и треба да се додаде само името на донаторот и сумата која се донира за изградбата на соборниот храм. На овој начин и граѓаните ќе можат да донираат средства во изградбата на соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица. Промоцијата на храмот, отпочнувањето и обелоденувањето на сметката се направи за Велигден оваа година. Тогаш на сметката на соборниот храм имаше 34.518 денари, тоа беше стартната состојба за изградба на храмот. До денеска донацијата од граѓаните и фирмите во финансиски средства и материјали изнесува над 600 илјади евра. За да се покрие соборниот храм потребни се околу два милиони евра.