Category: Струмица

Временска прогноза за вторник, 11 декември

Денес во Струмица снег во текот на ден. Дневна температута до 0 °C

 

Одбележана 5- годишнината од националната електронска библиотека во Струмица

Како дел од програмата за одбележување на ,,Св. Петнаесет тивериополски маченици’’ во градската библиотека ,,Благој Јанков Мучето’’ денеска се одбележи петогодишен јубилеј од постоењето на националната електронска библиотека ,,Растко Македонија’’.
,,Досега електронската библиотека има објавени над 400 наслови, дигитилизирани се над 1500 страници со текстуален материјал и опфатени се 200 авторски имиња. Една четвртина од вкупно објавениот материјал се родокрајни автори што всушност представува една база за формирање на една електронска библиотека која ке биде посветена на културата и традицијата на Струмица и се надеваме на нејзина реализација’’-изјави Софија Тренчевска од „Растко Македонија’’
Националната електронска библиотека е проект кој на граѓаните им овозможува да се запознаат со македонската култура и традиција и таа е дел од светската електронска мрежа не електронски библиотеки. Нејзини најчести корисници се учениците, студентите и истражувачите.

 

Доделени 60 признанија за верните посетители на градската библиотека

Во библиотеката ,,Благој Јанков Мучето’’ денеска беа доделени награди и признанија за млади библиотекари кои учествуваа на конкурсот оваа година, пофалници за најактивните читатели во 2012 година, како и за најмладиот и најстариот читател. Врачени беа вкупно 60 признанија, а како што кажува директорката Тања Гошева, најверните читатели во библиотеката во Струмица покрај тоа ќе добијат и бесплатна членска карта за идната 2013 година.

 

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.303742596408992.72028.261733853943200&type=1

СВР Струмица го одбележи Денот на превенцијата

Секторот за внатрешни работи Струмица –Отсек за превенција, денеска го одбележи Денот на превенцијата во просториите на СВР Струмица. Во текот на 2012 година, Отсекот за превенција реализираше бројни проекти на спроведување на превентивни активности, како што е намалување на насилството во училиштата, проектот ,,Безбедно од дома до училиштето’’ за градинките ,,Паметна глава кацигата ја чува’’, ,,Бесплатно полагање на возачки испит во категорија М’’ и многу други.На сите кои учествуваа и помагаа во реализација на проектите во 2012 година СВР Струмица и врачи благодарници.

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.303702366413015.72024.261733853943200&type=1

Пожарникарите со 11 интервенции во изминатата недела |www.strumicacity.com|

Во изминатата недела територијалната професионална противпожарна единица на Струмица имала вкупно 11 интервенции. Со пожарникари и возила се интервенирало на осум локации во градот, на улиците ,,Народен Фронт’’, ,,Бул: M. Тито’’, ,,К. Република 156’’, ,,Гоце Делчев’’, ,,Младинска’’, ,,Жртви на фашизмот’’, ,,Кирил и Методиј 14” со превентивно делување на потенцијално опожарување од електрично броило, гаснење на запален оџак од индивидуална семејна куќа, гаснење на запален отпаден материјал, како и неколку технички интервенции. Покрај интервенциите во градот,  се интервенирало и во населените места Секирник, Бориево и Добрејци. Со брзото делување на противпожарната единица во сите единаесет случаи, се спречени последици од поголеми размери.

Комуналец фрлеше сол по улиците на Струмица | StrumicaCity.com

Врнежите од снег и ниските температури во изминатата ноќ ги подмрзнаа улиците во градот. Веднаш  реагираше зимската служба на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ која фрли 3,5 тони индустриска сол на десет улици во повисокиот дел на градот. Од „Комуналец“ велат дека  комплетно се подготвени за одржување на улиците во зимски услови. Бидејќи во наредните денови се очекуваат  нови снежни врнежи и ниски температури, од јавното претпријатие апелираат до граѓаните прописно да ги паркираат возилата на улиците за да можат екипите на зимската служба навремено да интервенираат и улиците во градот да бидат оспособени  за нормално одвивање на сообраќајот.

 

Временска прогноза за понеделник, 10 декември

Времето денес сончево со дневна температура до 4 степен.

Ис(в)клучете фејсбук и гледајте како паѓа снег

На училиште секој ден учиме по 2-3 закони и теореми, во најмала рака. Боли глава од нив, само да ги слушаш, а не пак да треба да ги смислиш, проучиш, докажеш.  Честопати си велиме, зар тие математичари, физичари, хемичари…општо научниците, немале социјален живот? Немале друга занимација, па удри на наука? Саркастично се подбиваме со нив оти едноставно кажано ни го одземаат скапоценото време кое треба да го посветиме на нашиот социјален живот, а не на нивните теореми. А нашиот социјален живот е толку богат и „тежок“, што секое научно откритие е десетпати помалку вредно од него. Уште кога додека интелектуалните теми се на дневен ред сите „чачкаме“ по мобилните телефони или компјутерите за да ја убиеме досадата, знаеме дека нештата излегле од колосек.

 Знаеме, ама што фајде? Тажна слика, а сите сме дел од неа. Свесни сме, а уште посвесно одиме „во неповрат“. Што би се рекло кај нас во Струмица: „ујдееме да доoме.“

Ден без техника и социјални мрежи (читај мобилен и фејсбук) e огромен предизвик. Патем, кој ќе се нафати нека се јави.

Да не почнувам со статистики ама, по груба пресметка, до пред 15 години компјутер или мобилен телефон беше табу-тема. Истите две играчки, пред 5-6 години, беа застапени во секое семејство само со по еден примерок. А денес, на залезот на 2012-та, секој член од семејството има по неколку такви свои модерни играчки. Уште да почнеме да си ги менуваме како во времето на албумите со сликички. Чекајте, сликичите не беа одамна, зар не одиме пребрзо? Летаме на крилјата на технологијата побрзо од дозволеното, а нема казна? Е да, сега нема, ама ќе не снајде подоцна!

И така, во ова неделно попладне, двоумејќи се дали да им се препуштам на математичките закони сепак решив повторно да го отворам прозорецот на светот (читај фејсбук). Што и да правиме верно му се враќаме во прегратка. Признајте си!
Сè што сакаме да правиме кога сме далеку од техничките помагала ни се чини ужасно невозможно и условено од нив. Е, па, не е фер! Се разбира, само цврста желба и одлука е доволно за да и се сечат крилјата на технологијата, ама потенцирам дека е ужасно тешко! Сами им се оддадовме на тие играчки кои треба да ни користат, ама не и да нè заробат. Контакт во далечина, 24-часовна достапност на информации, паметни софтвери чија помош е корисна во многу професии… само дел од позитивните карактеристики на техниката. Ние како да сме создадени да го користиме само најлесното, најзабавното и најзаразното. Не претерувам, потсетувам дека сум огромен оптимист!
И дружејќи се така со прозорецот на светот тој ми рече: „надвор паѓа снег“. Еве признавам, две години наназад фејсбук ме информира дека паѓа снег! Фала му!
Ама најтрагичното е што танцот на снегулките го ДОЧЕКУВАМЕ, го ЧУВСТВУВАМЕ, го УЖИВАМЕ и го ГЛЕДАМЕ на фејсбук. И тоа не е единствен таков чуден случај. Тоа е наше секојдневие, нормален тек на настаните. Сопствениот живот го оставаме на тие мали кутии наречени владетели на модерното време. Денес може да се види и некој преживеан од Втората светска војна во дружба со социјалните мрежи…

Исклучете го бело-синиот хипнотизирачки прозорец и поттргнете ги завесите на прозорецот кој гледа нанадвор од вашите соби! Отворете го, вдишете го студениот воздух помешан со мирисот од зачурлените оџаци и мирисот на студениот декемвриски ден. Вдишете живот!
И ако стигнавте до крајот на текстот, а уште моите зборови не го измамија вашиот поглед нанадвор, тогаш мојата цел не е постигната. Но, оптимистички, сè уште имате време да се свртите кон вистинската страна на животот и да го чувствувате, живеете и уживате! Зимата нè чека надвор!

Автор: Гонце Ѓоргиева

 

Членови и симпатизери од ВМРО – ДПМНЕ му даваат поддршка на Заев

По повод одржаната прес конференција на ВМРО – ДПМНЕ од 09.12.2012 година Општина Струмица реагираше:

,,ВМРО- ДПМНЕ повторно се обидува со својата гола- вода политика да го омаловажи и дискредитира името на градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, но како да не се свесни во оваа партија дека со денешната прес конференција, тоа име уште повеќе го афирмирааат.

Да, Зоран Заев вработуба луѓе и е горд поради тоа. Во изминатиот безмалку осумгодишен период вработени се 4280 луѓе од кои за преку 90% е лобирано да се вработат во приватниот сектор.

Да, Зоран Заев вработува луѓе затоа што Струмица расте, затоа што Струмица се обновува и развива, затоа што во Струмица се реализираат бројни проекти поради кои вработувањето нови луѓе се наметнува како реална потреба.

Во општина Струмица се изградени 7 нови селски водоводи, 3 канализациони системи, реконструирани се 3 пазаришта, а започна и собирањето на сметот по населените места.

Новите вработувања во ЈПКД Комуналец- Струмица се реална потреба за да се одржуваат овие водоводи, канализации и пазаришта и да се подига сметот за почиста и поубава општина.

Да, Зоран Заев вработува и тоа ќе го прави и во иднина дури и после мартовските Локални избори.

Многу се граѓаните, членови и симпатизери на ВМРО- ДПМНЕ кои дојдоа до егзистенција за себе и за своите семејства, благодарение на ангажманот на Зоран Заев.

Ете затоа господо од ВМРО- ДПМНЕ и поради многу други позитивни нешта, Вашите членови и симпатизери му даваат поддршка на Зоран Заев.’’

Со почит,

ОПШТИНА СТРУМИЦА

Кабинет на Градоначалник

Промовиран ,, Струмички спортски столетник 1912 – 2012’’

Пред граѓаните и спортистите, денеска во НУЦК ,,Антон Панов’’ се одржа промоција на книгата на Иван Станоев ,,Струмички спортски столетник 1912 – 2012’’. Книгата на некогашниот спортски новинар ја опфаќа спортската историја од струмичко во последните сто години и говори за успесите и падовите, како и за најуспешните спортисти кои се значајни за овој регион.

 

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.303304029786182.71926.261733853943200&type=1