Category: Струмица

Градоначалникот Заев на јавни собири со граѓаните на општина Струмица

На иницијатива на градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, а согласно законските и статутарните овластувања, од 17 октомври ќе почне одржувањето на јавни собири на граѓаните во урбаните, односно месните заедници. За граѓаните од првата, третата, четвртата и петтата урбана заедница собирот ќе се одржи утре (среда) со почеток во 19 часот во салата на домот на АРМ во Струмица. На јавниот собир граѓаните ќе имаат можност отворено да зборуваат за тековните проблеми со кои се соочува урбаната заедница, а кои се во надлежност на локалната самоуправа. Ќе се забележат и сите инфраструктурни потреби од комунална и градежна природа, а со цел да влезат во нацрт планот на програмата за комунално уредување за 2013 година. Инаку, до 7 ноември оваа година планирано е да се одржат вкупно 18 јавни собири со граѓаните од урбаните и месните заедници во градот и 16 населени места.

ЈПКД ,,Комуналец”привршува со чистењето на поројот на „Крушевска Република“

Екипи на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ денеска го чистеа  поројот на улицата „Крушевска Република“ на делот од кожарата до транзитниот пат Струмица – Валандово. Поројот се чисти од наноси од земја и песок, трева и разновиден отпад. Ако дозволат временските услови комплетното чистење на поројот на „Крушевска Република“ треба да заврши до четврток.

Временска прогноза за вторник, 16 октомври

Денес облачно, со дожд во вечерните часови. Температура до 23 °C

 

Струмичкиот скротувач на ѕверови – Доне Тодоров

Уште како дете носел змии и гуштери по џебовите. Замислувал дека гуштерчињата се негови диносауруси, ги закачувал за своите играчки и тие така би ги влечеле неговите ,,кочии“. Повеќе →

За неполн месец поднесени околу 400 барања за субвенционирање на неплатен долг кон ЈПКД „Комуналец“.

За неполн месец поднесени околу 400 барања за субвенционирање на неплатен долг кон ЈПКД „Комуналец“. Пријавувањето трае до крајот на овој месец, а право на субвенционирање имаат семејствата со посебен социјален статус. Согласно правилникот за остварување на ова право, во семејства со посебен социјален статус спаѓаат семејства во  кои има самохран родител, има член со траен инвалидитет од било кој карактер или степен на инвалидност потврден со медицинска белешка и семејства во чиј состав има најмалку два члена со полни 18 години или постари од 18 години, а приходи по основ на вработување или пензија прима само еден или ниеден член од семејството.

Сите семејства во општина Струмица кои спаѓаат во една од овие категории можат да поднесат барање во просториите на „Комуналец“. Одлуката за субвенционирање на неплатен долг кон „Комуналец“ на семејства со посебен социјален статус е донесена на 21 декември минатата година на Советот на општина Струмица. Со ова општината им помага на социјално загрозените семејства кои поради финансиската немоќ не се во можност да го подмират долгот кон јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“.

 

Одржана Седница на Советот на Југоисточен плански регион

Денеска во Струмица во Дом на АРМ одржана е седумнаесетта редовна Седница на Советот на Југоисточен плански регион.Главни точки за кои се разговараше на Седницата се: евидентирање на членовите на представниците на мониторинг во Комитет на програмата на прекограничната соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција како и давање на мала позајмица на Проектот за соларна енергија ко се спроведува преку соработка со Република Бугарија.

Струмица доби уште еден грант од Европската Унија.

Општина Струмица доби уште еден грант од Европската Унија во висина од 336.188 евра за реконструкција, реставрација и конзервација на бедемите на локалитетот „Цареви кули“, а во рамките на проектот за заштита и промоција на природното и културното наследство во прекуграничниот регион на Струмица и Кукуш.
Средствата се добиени од ИПА програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција и изнесуваат 956.188,50 евра, од кои 336.188 евра се грант за општина Струмица, a носител на овој проект е општина Струмица во партнерство со општина Кукуш.

-Мора посебно да го истакнам фактот дека во конкуренција на 180 проекти од Македонија и Грција, овој наш проект е најдобро рангиран што е уште една потврда за нашата посветеност, инвентивност и професионален пристап кон изработката на таквите проекти, за што посебни заслуги има Одделението за локален економски развој при општина Струмица- изјави градоначалникот Зоран Заев.

 

Општина Струмица, дополнително ќе инвестира средства и во промоцијата на „Цареви кули“ како туристички локалитет во градот. Според најавите, активностите од проектот треба да завршат за две години, кога Струмица и Македонија треба да го одбележат големиот јубилеј, илјада години од битката на Беласица.

 

Интервенции на ТППЕ – Струмица во изминатата недела

Во изминатата недела територијалната професионална противпожарна единица на Струмица имала вкупно три интервенции. Со пожарникари и возила се интервенирало на две  локации во градот, на улиците „Боро Поцков“ и „Маршал Тито“ и тоа  во гаснење на запалени електрични кабли и гаснење на запален оџак од угостителски објект. Освен во градот, пожарникарите имале работа и во населеното место Просениково . Таму гаснеле запалено стрниште. Со брзото делување на противпожарната единица во сите три случаи, се спречени последици од поголеми размери.

Временска прогноза за понеделник, 15 октомври

Времето денес облачно со можни врнежи. Температурата нешто повисока од вчера, до 27 степен.

И Струмичани во хуманитарната акција – ,,Недела против гладта”

По повод ,,Светскиот ден на гладта” 16 октомври, денеска на плоштадот ,,Гоце Делчев” од 11 – 15 часот беше поставен штанд на кој граѓаните доносеа храна за најсиромашните семејства во Струмица и така ја помогнаа оваа хуманитарна акција. Струмичани донираа за своите сограѓани зејтин, шпагети, макарони, конзервирана храна, млеко, чоколада…

Сите кои сакаат, а денеска не беа во можност да ја покажат својата хуманост, тоа можат да го направат и утре во периодот од 10 – 15 часот кога на истото место (плоштад ,,Гоце Делчев”) ќе биде поставен истиот штанд. Севкупно собраната храна ќе биде поделена на најзагрозените семејства во вторник во Дом на АРМ, а тогаш и официјално ќе биде одбележан Светскиот ден на гладта.
Хуманитарната акција ја организира ,,Банка за храна на Македонија“ во соработка со ,,Здужение на жени Струмица”, а подржана е од локалната самоуправа и градоначалникот Зоран Заев.

 

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.281721941944391.66113.261733853943200&type=1