Филипче: Нови 6 случаи на коронавирус – вкупно 48

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на вечерашната прес-конференција информираше дека денеска до 16:00 часот во нашата земја се дијагностицирани 6 нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка изнесува 48.19032020_VRSM_Filipce_pres

„Во Штип за првпат е дијагностициран вирусот кај девојче на 4 годишна возраст, кое се инфицирало во градинка во Англија – според кажувањата и епидемиолошките податоци коишто ги дава семејството. Во земјава се вратиле на 14 март, било во домашна изолација, а според нивните кажувања се јавиле на тестирање во текот на вчерашниот ден во инфективното одделение во Клиничката болница во Штип два дена откако девојчето ги почувствувало симптомите. Сега, девојчето заедно со мајката е сместено во инфективното одделение, а се проширува епидемиолошката анкета и ќе се земат дополнителни брисеви, материјали на луѓето за кои се смета дека треба да се испитаат. Во Дебар се дијагностицирани 3 нови случаи, сите се избрани со пошироката индикација – тестирање коешто се прави во рамки на скринингот којшто во тој регион го започнавме пред неколку денови. Во Скопје е потврден еден случај, лице коешто имало контакт со еден од претходно дијагностицираните случаи во изминатите 2 дена, а мапирано со епидемиолошката анкета на пациентот. Уште еден случај е потврден во Гостивар. Тоа е жена којашто се вратила од Швајцарија. После пристигнувањето, според епидемиолошката анкета била во домашна изолација. Се јавила сама на тестирање и навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија. Исконтактирани се сите членови на нејзиното семејство. Се работи и на дополнително утврдување на евентуални контакти врз основа на што ќе се направи индикација за дополнителни тестови”, потенцираше министерот Филипче и додаде дека во овој момент се тестираат 35 лица, за што јавноста ќе биде веднаш информирана по изготвувањето на резултатите.

На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше дека сите пациенти се стабилни, со непроменета клиничка слика, како на Клиниката, така и во Дебар. Пациентката којашто е на респираторна машина е со стабилни витални параметри и нема знаци за влошување на состојбата. Денеска е направена визита кај сите кои се на домашно лекување. Информирани се за тоа како треба да се однесуваат – како за начинот за самоизолацијата, така и за текот на лекувањето, а воспоставена е и нивна директна комуникација со докторите на Инфективната клиника.

„Денеска направивме план и за ставање во функција на третман на пациенти со коронавирус во Градската општа болница „8 Септември”. Со оглед на тоа што се изнудува потреба за друг тип на лекарска интервенција – на пациенти кои се сомнителни или имаат веќе потврден коронавирус, со цел да се зачуваат останатите капацитети, во болницата „8 Септември” направивме посета со посебна комисија – директори на повеќе клиники и претставници на Комисијата за инфективни болести. Заедно на лице место се утврди патот, текот на движење на пациентите, делови за изолација во делот на тријажата, приемните амбуланти, една посебна операциона сала, една посебна ангеографска сала, еден посебен кабинет за ехо- дијагностика и еден целосно посебен оддел којшто во овој момент има 22 кревети и две респираторни машини. Со ова, практично, ги обезбедуваме сите пациенти од државата во моментот кога ќе бидат дијагностицирани или пак ќе бидат сомнителни дека имаат коронавирус, а потребна им е некаква друга форма на хируршка или друг тип на интервенција – директно да бидат препратени во болницата „8 Септември”, со цел да не одат по другите јавно-здравствени институции. Тука ќе биде воспоставен алгоритам.  И кадарот помина една кратка едукација денеска на Инфективната клиника: како да се пристапи на пациентите, како да се земе материјал, при што доколку станува збор за пациент којшто има само сомнение и нема потреба од многу голема итност ќе биде почекан резултатот и потоа ќе се одлучи дали ќе се лекува”, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче рече дека се работи планот за посебни пунктови во рамки на Здравствениот дом во Скопје, кој треба да стартува веќе од почетокот на наредната недела, а за принципот на функционирање Министерството ќе информира по утврдување на планот.

Во Дебар од утре ќе се упати уште еден пулмолог и уште еден педијатар, поради тоа што таму има луѓе од здравствениот сектор, здравствените работници коишто се носители на вирусот.

„Денеска заседаваше и главниот кризен штаб во Владата – се разговараше за повеќе прашања во Дебар. Во текот на утрешниот ден ќе биде доставена дополнителна количина на потрошен материјал. Ни пристапија повеќе компании кои сакаат да изработат и маски од соодветен материјал за што се чека стручното мислење од Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство. Во рамките во кампусот на Клиничкиот центар интензивно се работи на подобрување на инфраструктурата, подобрување на пристапот кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на уште една линија за влез кон Ургентниот центар на хируршките клиники, за што сакам да се заблагодарам на градоначалникот на Градот Скопје Петре Шилегов и јавното претпријатие на улици и патишта”, истакна министерот Филипче.

Министерот Филипче изјави дека е исклучително добро тоа што пациентите се откриваат во рана фаза, заради тоа што само пациенти кои се откриваат во доцна фаза директно ги зафаќаат местата во одделите за интензивна нега – нешто што во многу земји го колабира здравствениот систем.

„Ја упатувам пораката – ова не е нешто што може само здравствените работници или здравствениот систем да го изменаџира. Исклучително е важна улогата на граѓаните, на нивната свест, сите требаат и мораат да придонесат оваа криза се надмине”, потенцираше министерот Филипче.

Comments are closed.

bilbord