Струмичанецот Митко Гогов во потесен круг за престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата

Со објавувањето на традиционалната и препознатлива програма за 58. издание на Фестивалот Струшки вечери на поезијата во однос на овогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, жири комисијата, согласно постоечкиот правилник од пристигнатите наслови го направила изборот од пет книги и автори што ќе бидат претставени на Фестивалот и од кои ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ на прес-конференција. Во потесен круг се Митко Гогов со „Скриено писмо“, Јовица Ивановски со „Човек“, Наташа Сарџоска со делото „Крстна коска“, Билјана Стојановска со „Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова со „Мои страсти, мои страданија“.mitko

Престижната национална награда за книжевност „Браќа Миладиновци“ се доделува за најдобра поетска книга меѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата. Во рамки на програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

„Книгата Скриено писмо е проекција на неговата мултимедијална профилираност во творештвото, на тој основен принцип на неговото уметничко творештво. Концептуалноста е негов знак за распознавање, одлика на неговиот креативен идентитет.“ – ќе забележи во рецензијата за книгата академик проф. Катица Ќулавкова. Проф. Владимир Мартиновски ќе додаде: „Поезијата на Митко Гогов нѐ соочува со едновременото откривање, разгатнување, и криење, притајување, својствени за добрата поезија: во песните се одмотуваат скришните, подзаборавени, затутулени мисли и сеќавања, т.е личните, интимни , „скришни“ сеќавања на поетот, кои пред нашите очи стануваат и наши сеќавања. Кога некому (кој обично ни е близок) му доверуваме нешто што претходно било скриено, тој чин на споделување е врвен доказ на блискост и доверба. Таа блискост ја чувствуваме читајќи ги песните на Митко Гогов.“mitko2

Mитко Гогов е роден 1983-та година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата twitter. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, USA, Аргентина, Русија, Белорусија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Перу, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Добитник на бројни национални и меѓународни награди и признанија. Автор е на стихозбирката „Ледена вода“ издадена во Србија (2011) и во Македонија во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014).  „Скриено писмо“ (2019) е негова втора книга поезија во издание на издавачката куќа Антолог од Скопје.

Comments are closed.

43040899_919171741622888_1449774753454751744_o