Запознајте ја старата струмичка кујна – Сарма од лозов лист

2013-05-29_15-57-10

Животот се состои од приказни или поточно моменти кои прават приказни… И јадењата имаат свои приказни, некои ги знаеме, некои не, приказни за имињата, за начинот на приготвување, но и многу повеќе од тоа. Кујната ги има најубавите приказни на еден народ, на едно семејство…

Приказната за оваа сарма на наш, струмички начин е интересна затоа што има неколку карактеристики кои ја прават посебна и толку различна од другите.

Најпрво, иако сармата од лоза може да биде и варена и печена, нашите стари ја правеле исклучиво варена и веднаш да напоменам, многу често помешана со тиквички.

2013-05-29_16-54-00
Друга многу важна карактеристика е таа што, иако денес се сервира и со кисело млеко, струмичката сарма од лоза се јаде полиена со нашиот познат сос, наречен ич, направен од јајца. А јас и не можам да замислам поинаку, најубава ми е онака како се јадела со генерации, со ич. И трета карактеристика е што се додава зелени сливи или зелено грозје.

Како реков порано, бидејќи немало толку многу лимони како денес, затоа пак имало прекрасни рецепти со сливи џанки во мај, а во јуни, се додавало гурида, зеленото грозје од под лозовите лисја, кое стасува околу Петровден… Сливите џанки или гуридата сеставааат во тенџерето при варењето што на
сармата и дава посебен, преубав вкус.

Ете , затоа нашата Сарма од лоза е поинаква, а истата можете да ја сретнете и во стари дојрански семејства…

2013-05-29_15-57-10

Состојки:

- мелено мешано месо
- млади листови од лоза
- младо кромидче
- ориз
- сливи џанки или гурида, т.е. зелено грозје
- 1 до 2 јајца
- зејтин
- сол, сушено нане т.н. мирудии, црн бибер, а по желба и други зачини

Подготовка:

1.Испржете го кромидчето внимателно, додадете ги месото и оризот, без
предолго пржење, додадете ги и зачините на крај…

2.Подварете ги листовите во солена вода, но не многу за да не се кинат…

3.Виткањето е едноставно како кај сите сарми, важно да ви се затворени краевите, редете ги сармичките  кружно, во длабоко, но пошироко тенџере… Ако сакате и тиквички, наредете ги и нив, претходно подготвени, сечени кратко и издлабени за полнење со филот…

4.Ставете неколку сливи џанки во мај помеѓу сармичките или таканареченото гурида, зелено грозје, во јуни…

5.Залијте со повеќе врела вода која ќе ви треба подоцна, зејтинче одозгора и покријте да се вари на тивко…

2013-05-29_15-58-08

6.Изматете едно или две јајца, извадете од водата кога е при крај сармата во еден сад и почнете да додавате од врелата вода со лажица во јајцата, пополека со постојано матење, а потоа обратно, сипајте ги јајцата во водата со матење…

7.Тоа е сосот ИЧ како го велиме, ставете го малку на рингла да се згусне, но внимавајте да не ви се потсече, а тајната е во ладната вода која ја додавате при матењето на јајцата…

8.Додадете во ичот сол, црн пипер, по желба …

Сервирајте го ичот врз сармата и уживајте во прекрасниот вкус на нашата
традиционална струмичка сарма од лозов лист!

2013-05-29_17-21-38

Денес, приказната е поинаква, наместо зелени сливи џанки или зелено
грозје гурида, најчесто се става лимон и кога се подваруваат листовите и
во ичот.
А уште понова приказна е со кисело млеко!

И едната и другата и третата, преубави приказни од кујната, вреди да ги
сочуваме!

автор: Весна Анчева Рохр  Со љубов, за вас

 


Comments are closed.