Заврши откупот на тутунот од реколтата 2017, постигната највисока просечна откупна цена од 217,60 денари

Во рамки на предвидениот законски рок, заврши откупот на тутун од реколтата 2017-та. Откупот започна на 15 ноември во 2017 година, а заврши на 15 март 2018 година. Од регистрираните 9 откупни компании, на терен откуп вршеа 8 претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење на откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина на тутун од тековната реколта.

tütün-ekimiОд страна на откупните тутунски претпријатија по општини и населени места пријавени се вкупно 146 откупни пунктови и тоа за редовен откуп на суров тутун во лист од реколта 2017 година. При тоа  откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм. Откупениот тутун е во целост исплатен.

Од откупениот тутун, од типот Јака се откупени 2.447.601 килограми, со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот Прилеп се откупени 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.

Согласно Законот за тутун и тутунски производи, инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство извршија контроли во откупните тутунски претпријатија во сите пријавени откупни пунктови каде што е вршен откуп на тутун. При тоа е констатирано дека претпријатијата ги исполнуваат условите за вршење на откуп согласно законските одредби.

Воедно инспекторите извршија контроли кај откупните тутунски претпријатија, за да се провери дали се врши исплата на откупениот тутун од тековната реколта во дадениот рок согласно рокот на исплата пропишан во договорите, дали редоследно се врши исплата на тутун на тутунопроизводителите според датата на предавање на тутун и дали обезбедените наменски средства исклучиво се користат за исплата на тутун. Констатирано е дека не се извршени прекршувања на законските одредби.

Откупот на тутун се одвиваше согласно пријавената динамика од страна на откупувачите и помина во најдобар ред. Од страна на производителот или претставникот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители не се дадени приговори за процената во однос на квалитетот и квантитетот на тутунот за откуп во моментот на предавањето на тутунот до Комисија за повторна процена формирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за подрачјето каде што се откупува тутунот.

Согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017. Односно, субвенцијата за прва класа изнесува 80 денари за килограм и тоа е првото ниво, за втора класа 70 денари, и третото ниво е 60 денари со субвенција за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи. Воедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој што се укинува поднесувањето на евидентните листови.

Comments are closed.

Capture