Моја, твоја, наша Струмица – за Прочка

Прочка (Поклади) е ден во православното христијанство кога верниците меѓусебно си простуваат. Прочка, во зависност од датумот на Велигден секогаш е седум недели претходно. Прочка е за простувањето, тоа искреното и безусловно простување меѓу луѓето, според примерот на Исус Христос, кој секому му простува. Давањето и примањето прошка се темелите на духовниот живот кој не може да се гради поинаку. За да се даде и прима прошка срцето на човекот мора првин да биде исчистено од лошите работи и да се покае. ,,Затоа, покајанието е само семе, а проштевањето е плодот”. Не постои грев што не може да биде простен, освен непокаениот бидејќи една од суштините на христијанството е дека без покајание нема проштевање на гревовите.10523581_736428879807026_6098322353579796894_n

Според обичајот, Струмичани празникот Прочка го празнуваат и во црква, и во кругот на своите семејства. Помладите бараат прошка од постарите, децата од своите родители, крштениците од кумовите итн. Според верувањето, на овој ден и небото и земјата си проштеваат, па така и луѓето треба да си простат. На Прочка, освен проштевањето, тука е и обичајот на ,,амкање” или ,,лацкање” јајца. Во Струмица и Струмичко има и неколку песни за јајцето кои се пееле за време на велигденските празници, но и на Прочка, сѐ со цел на децата да им биде поинтересно додека го ,,амкале” (,,лацкале”) јајцето:

procka1

,,С’нце, б’нце,

Боговото јајце!

-Кам т’ва јајце?

-Земаа го децата!

Кам тие деца?

-Ујдеа у гората!

-Кам таа гора?

-Ја пресече б’лтиита!

-Кам таа б’лтиа?

-Ја занесе реката!

-Кам таа река?

Испијаа ја биволите!”

Во Струмица адет е да се бара прошка со носење алва (белата алва со сусам) за да се ,,разблаже” постариот да прости. Тоа е пропратено со бакнување рака на повозрасниот и со зборовите: ,,Прости а’к с’м ти згрешѝл”, а тој одговара: ,,Простено нек ти е и од мене и од Господ!” А на децата им се даваат и парички. Адет е и да се направи кадаиф и да се маскираат децата за детскиот карневал. Постарите генерации Струмичани можеби се сеќаваат и на огновите кои се палеле на Прочка: огнот на Цареви кули и оној на Чифлиганскио баир. Во Струмица отсекогаш е интересно да се слави Прочка; пред сѐ граѓаните дарежливо и срдечно да си простат и на тој начин да ги истакнат своите духовни вредности.ukrasena-strumica.-naslovnajpg-610x403

Comments are closed.

POP