АРХИВА: Гитарата се повеќе омилен инструмент на струмичани – интервју со Васко Пиличев

Васко Пиличев  е  дипломиран гитарист во Струмица, a ја носи и титулата  -  магистар. Со неговото доаѓање во ОМУ „Боро Џони’’  отворен е Отсек за гитара после 55 години од неговото основање.

Признава дека е задоволен од големата заинтересираност за учење на децата за овој инструмент, но и тоа што гитарата   „застанала рамо до рамо’’ со клавирот и станала еднакво популарна како и тој.  Горд е и што неговите ученици се најнаградувани во музичкото училиште, откако тој предава, освоиле  преку  50 награди на разни меѓународни натпревари…

Земено во предвид  дека сте професор во ОМУ „Боро Џони’’, но и  приватно давате часови по гитара, постои ли разлика во учењето ?

Музичкото училиште во Струмица  е само за деца кои посетуваат основно училиште, така да постои ограничување кога се годините во прашање, за жал. Исто така, во ОМУ „Боро Џони’’ се учи само класична музика и се подразвира сериозно работење, додека на  приватните часови луѓето   доаѓаат да научат да свират популарна музика.

vasko 1

Која е најчестата мотивација некој да дојде кај Вас со желба  да научи да свира на гитара?

Другар кој посетува часови по гитара е најчестиот мотиватор  и другите да се запишат. Или, се случува  да  видат фотографија на Фејсбук на која некој се  сликал со овој инструмент  па и тие сакат да научат да свират. И телевизијата може да  биде извор на мотивација.

Постои ли разлика во заинтересираноста помеѓу девојките  и момците ? Кои се нивните идоли?

Мислам дека не постои некоја битна разлика. Девојките се повеќе  наклонети  кон популарната музика, ги инспирира Хај скул музика,  Тејлор Свифт, Џастин Бибер… Момчињата повеќе го сакат рокот и нивните идоли се музичките групи како Лед Цепелин, Дип Парпл, Еј Си Ди Си…

Какво е искуството да се работи со постари, какво со помлади? Која возраст е Вашиот најстар и најмлад ученик до сега?

Сум имал најстар ученик од 44 година, а најмладиот имаше само 3 години и 11 месеци. Детенцето  гитарата ја сфаќа како игра, а не е во можност ниту да ја држи. Постарите, пак,  веќе знаат  што сакат од овој инструмент  и најчесто доаѓаат да научат да свират одреден фонд на песни за домашните  забави.

vasko 2

Со најмладиот гитарист од 3 години и 11 месеци

Постојат ли некои интересни прашања кои Ви ги поставуваат  учениците на часовите?

Секогаш има симпатични прашања. Често ѓи интересира  дали многу ќе ги болат прстите ако свират. Или, на првиот час почнуваат со прашањата – „А за колку време ќе  научам да ја свирам омилената песна?’’или, „ А кога ќе научам да свирам како ти?’’ Често ме прашуваат да направам споредба помеѓу  гитаристи, како на пример помеѓу  Влатко Стефановски и Пако де Лусија.  Тоа е  како да прашувате некого  кој е подобар спортист, Коби Брајант или Роналдо. Првиот е кошаркар, вториот фудбалер.

 Освен постоењето на желбата да го ,,совладат’’ овој инструмент, колку учениците се истрајни во тоа?

Експлицитен  е одговорот дека 95 одсто не се доследни во својата желба да ја совладат гитарата.  Тинејџерите „немаат живци’’ цела година стрпливо да работат и напредуваат, па лесно се откажуваат. Жал ми е кога ќе видам некои навистина талентирани деца,  и кога ќе дојдат до некој степен, се откажуваат од учењето и користат Интернет за да се доосовршуваат. Интернетот може да помогне, но не може да биде тема на учење кај било кој инструмент.

vasko 3

Ученик и професор: Стојан Стојанов и Васко Пиличев

Дали  мислите дека има квалитетни гитаристи во Струмица?

Последните неколку години се појавија многу квалитетни бендови во  градот. Мислам дека воопшто во овој период музиката значајно напредна во Струмица и дека има доста добри гитаристи. За жал, од некоја причина, сите тие бендови немаат многу можност да се докажат бидејќи ретко имат покани за настап по кафичите.

vasko

 Важи ли сеуште  дека гитарата може да освои една жена?

Секако да, колку што јас знам. Имам некои ученици кои ми се имат пофалено „Професоре, со таа песна, успеав  да ја освојам!’’ .  Така да звукот на гитарата сеуште е моќен афродизијак сигурно.

А постои ли обратен случај, девојка да има освоено момче со помош на гитара?

Хехе… Ми се нема некоја девојка пофалено, ама сигурен сум дека има.

 

Comments are closed.