Моја, твоја, наша Струмица – приказна за името на градот

Во утрото на 21 век, со првата сончева светлина се буди и Струмица. Градот оживува и раскажува за тоа како го добил своето име. Приказната нѐ навраќа назад, во далечниот 2 век пред новата ера, кога градот за првпат се спомнува под елинистичкото име Астрион или Астрајон, што значи ,,ѕвезден” град. Името дошло со доаѓањето на пајонското племе Астраи. А дали е случајност што ова се поклопува и сo вечерното небо над Струмица кое отсекогаш е исполнето со ѕвезди (астраи)?

12092343_10153670213091252_859714714_n

Во 148 г.п.н.е. Македонија станува римска провинција. Во тој римски период што следи, градот го менува името во Тивериополис или Тивериопол, според владетелот Тибериј Клавдиј Менон. По големата преселба на Словените од 6 век и 7 век, градот го добива своето модерно име Струмица. Во тој период, заедно со околината, бил населен од Струмјаните. Најпрвин тие се нарекле така според реката Стримон, а подоцна реката ја нарекле Струма. Всушност, постојат неколку верзии за причините за потеклото на ова име, а најомилена верзија меѓу граѓаните е легендата за убавата мома Струма, ќерка на Тибериј.

12087531_10153670213036252_1718428774_n

Таа живеела во царевата тврдина и била многу сакана од татка си. Меѓутоа, таа се вљубила, и тоа, во непријателот – во еден византиски војсководач. Тој чекал со голема војска, но никако не можеле да завладеат со тврдината. Во еден кобен момент, Струма му ја открива големата тајна за неосвоивите Цареви Кули. Му кажува за потковиците на коњите, како треба да им бидат заковани наопаку за лесно да се искачат по стрмните карпи. Кога тоа се случило, таткото ја проколнува ќерка си за извршеното предавство: кога таа ќе умре, земјата да не ѝ го прима телото и деветпати да ја ,,исфрли” од себе. Интересно овде е тоа што во близина на Струмица постои т.н. ,,Струмин гроб” и тој е изграден токму од девет слоеви камен – бигор.

20120325-strumin-grob1

Ете, тоа е приказната за името на Струмица – кратка ама слатка – што би се рекло; дури и по малку мистична. А приказната за градот продолжува, со секој нов ден, сончев или врнежлив.

 12086777_10153670238136252_2096131970_n 12081518_10153670216546252_1617982388_n

                                                                                                                                                                                                                                                                                                          Весна Д.

                                                                                                                                                                                                                                                                                                (Весна Думов)

Comments are closed.

Capture