Запознајте ја старата струмичка кујна – Млеченик

Млеченикот е еден од рецептите кои ни ја прават струмичката кујна толку посебна и прекрасна.

Ова е еден од најстарите рецепти, благо – солена варијанта, која ја нема во ниту еден друг крај. Порано се користеле исклучиво домашни сукани кори и сукани кршени, но денес може многу побрзо да се подготви. Благиот млеченик е убав, а во оваа варијанта е вкус кој  долго се памти…

2013-03-03_16-05-16_1067x800

СОСТОЈКИ:

ЗА СОЛЕН ДЕЛ: 500 гр. кори, 2 жолчки, 200 гр. сирење, 100 мл. кисела вода, 100 мл. зејтин, 3 лажици кисело млеко и малку сол

ЗА БЛАГ ДЕЛ: 6 јајца, 400 мл. млеко, 150 гр. домашни јувки, 6-8 лажици шеќер, 3 ванили

2013-03-03_14-49-51_1067x800

ПОДГОТОВКА

1. Најнапред го подготвувате филот за солениот крашник. Ги мешате во еден сад жолчките, сирењето, зејтин, кисело млеко, кисела вода, малку сол, но да не биде многу водно.

2. Од корите ставате една во подмачкан округол плех, но краевите да ви бидат надвор од плехот. Премачкајте ја со зејтинче.

3. Следната кора ја виткате со солениот фил и ја ставате во плехот малку згужвана. Направете уште две такви виткани кори со фил, но собрани како хармоника. Треба значи да направите солен крашник, но ќе ви останат сигурно од корите кои може веднаш да ги искористите за нешто друго. Ако сакате, овој солен крашник, можете да го направите со сукана домашна кора, како и што е и оригиналниот рецепт.

2013-03-03_14-51-11_1067x800

Кората на дното чии краеви се надвор од плехот, може да ја префрлите врз крашникот или пак едноставно да ви остане како кора која подвиткана ќе биде добра заштита подоцна јајцата да не се прелијат. Порано не ја ставав, но увидов дека е многу подобро така.

4. Сега ставете ги корите-јуфките во средина, а тоа се всушност кршени домашни кори кои сега можат да се купат и готови, по старински рецепти.

2013-03-03_16-05-16_1067x800

5. Помешајте ги состојките за благиот дел и прелијте ги корите-јуфките со млекото и изматените јајца, шеќерот и ванилите, а додајте ги и белките кои ви останаа.

6. Крашникот премачкајте го со кисела вода, зејтинче и малку жолчка. Ако ви прелие од млекото и јајцата врз солениот крашник, не пречи.

7. Печењето е на 200 степени околу 40 минути, но треба убаво да биде испечено одоздола.

2013-03-03_17-11-36_1067x800

Овој вкус е многу специфичен, уникатен и многу чест во нашата кујна… Благо-солениот млеченик е неповторлив вкус, да го сочуваме од заборавот!

автор : Весна Анчева Рохр, Со љубов, за вас

 

Comments are closed.

Capture