Запознајте ја старата струмичка кујна – СЛАТКО ОД ПОРТОКАЛИ

Во дамнешни времиња, слаткото било симбол за многу нешта. Не можело да се замисли гост да се пречека без слатко. Се јадело само за празници и се чувало како најскапоцено нешто…

Какво ќе го направи домаќинката, се погодило, не се погодило, било тема долго после подготовката. И слаткото од портокали е едно од оние кои нé враќаат во минатото.

2013-07-11_00-14-53_1400x1050

Немале можност да го прават сите, како што е случај со други слатка, многу војни, многу кризи низ минатото. И можеби затоа се смета за нешто посебно.

 Но кај нас на југот, ги имало портокалите,онолку колку требало, доволно за да се направи слаткото и да се смести на највисоката полица, во долапите, што подалеку од очите на децата, и да се чува за специјални прилики.  Биле други времиња кога храната не била како денес, па и подготовките биле поинакви, во смисла на загаденоста на храната…

2013-07-10_23-30-40_1400x1050

Рецептите повторно варирале од семејство до семејство, се разменувале, но и се чувале во тајност, да не им се земе мерфетлукот.

Оваа е една од старинските рецепти, има и други, кој како милува… Најважниот дел е горчливиот вкус од кората да биде отстранет доволно, а сепак да се сочува уникатниот вкус на кората од портокалот. Потребни се портокали со подебела кора, но ако ги немате, не е страшно.

2013-07-10_14-27-34_1400x1050

 Ова слатко е и од кората на портокали, но и од помали и поголеми парчиња од портокалите и еден лимон… Количина сами си одредувате, ги мерите портокалите пред варење, откако кога ќе ги подготвите во парчиња, фигури и полжавчиња, нанижани на конец…

Иако изгледа комплицирано, едноставно е, само треба да се има желба…

Состојки :

 1 кг. кори и парчиња портокали, 1 кг. шеќер, 1 лимон, 2 ванили и 500 мл. вода

Шеќер може да ставите и повеќе, по желба.

 1.Најпрво направете ги полжавчињата и разни фигурички од корите, добро измиени, количина по желба … Полжавчињата се долгнавести парчиња кора, свиткани во кругче и сошиени со конец, па нанижани заедно во круг…

2013-07-10_14-56-24_1400x1050

2.Ставете ги во ладна вода подготвените полжави и фигури, по некоја фигура и од лимон и после неколку минути вриење, сменете ја водата …

3.Направете го тоа многу пати, јас скоро десет пати ја сменив водата која зовриваше кратко, до 3 минути…

2013-07-10_17-40-22_1400x1050

4. Додека тече таа постапка, истовремено ги подготвувате другите помали и поголеми парчиња, но најпрво изрендајте ја кората на портокалите многу внимателно, измијте ги, па сечете по желба разни парчиња…

5. Сега ставете го шеќерот и водата да зовријат за шербетот…

6. Ставете ги прво парчињата да повријат со малку сок од лимон…

2013-07-10_23-54-50_1400x1050

7. По некое време, додадете ги полжавите и фигурите од кората, зашто тие се веќе сварени…

8.Слаткото е готово кога ќе стане прозрачно и кога шербетот ќе биде по желба густ… Јас не го сакам многу густ, но тоа се вкусови…

9. Додадете ги ванилите на крај и оставете го покриено со влажна кујнска салфета да се олади…

2013-07-11_00-33-40_1400x1050

Вкусот на ова слатко е типично медитерански вкус, но типичен и за нашиот крај, благ, многу малку горчлив, и арома која никогаш не се заборава!

Весна Рохр, Со љубов, за вас

Comments are closed.

Capture