Јаневски: Имаме силно партнерство со граѓанскиот сектор

Градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски, денеска, ја презентираше добрата општинска практика во партнерскиот однос со граѓанските организации на обуката „Како да се креира транспарентен процес за финансирање на граѓански организации од буџетот на локалните власти – методологија“. Обуката која што се одржа во хотелот „Сириус“ ја организираа Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА од Скопје, Здружението на финансиски работници од Велес и Европското Движење, а во рамките на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“.

24312564_1481348171918608_4288194982445790164_n-Тука сум за да споделам добра општинска практика за креирање на транспарентен процес за финансирање на граѓанските организации и во таа насока да го потврдам нашето силно партнерство со граѓанскиот сектор во процесот на креирање и спроведување на општинските политики во функција на здраво демократско општество, општество со еднакви можности за сите. Сите стратешки документи и акциски планови на општината се изработени во партнерство со граѓанскиот сектор. Буџетот на општината се планира и креира исто така со него во рамките на граѓански буџетски форум и другите форми на консултација на граѓаните кои општината ги практицира. Преку можноста за увид во извештаите, граѓанските организации будно ги следат и дополнително известуваат пред граѓаните за реализацијата и исполнувањето на буџетот, како и спроведувањето на општинските политики. Формиравме Центар во заедницата како поддршка и можност за заедничко градење на капацитетите и на општината и на граѓанските организации. Во процес сме на формирање на нов НВО центар каде сите граѓански организации во општината ќе добијат еднакви можности. Во однос на буџетот, сакам да истакнам дека во него особено внимание се посветува на бројни проекти и активности од граѓанските организации заради што и се планирани и им се стават на располагање солидни 15.000.000 денари од основниот буџет. Но, користењето на тие планирани средства е во рамките на строго утврдена методологија, односно, јавна и многу транспарентна постапка. Овие практики покажаа резултати, создадоа доверба и наметнаа силен мотив кај граѓанските организации на локално ниво, да се вклучат во градењето на современо граѓанско општество. Но, свесни сме дека и овие веќе добри и потврдени практики треба да се унапредуваат за да бидат уште подобри. Затоа, се надевам дека оваа обука ќе придонесе кон унапредување на процесот на транспарентно финансирање на граѓанските организации во функција на создавањето еднакви можности за сите, рече Јаневски.24301277_1481348168585275_4476829429760261363_n

Comments are closed.

1