Моја, твоја, наша Струмица – За манастирот ,,Св. Богородица Елеуса”

Древни цркви и манастири го красат струмичкиот крај и истите се од богата изворна и историска вредност, а кај посетителот будат чувства на љубопитност и спиритуалност. Изграден на карпеста висока рамнина, во селото Вељуса, кое е оддалечено околу 7 километри западно од Струмица, е манастирот ,,Св. Богородица Елеуса (Милостива)”.1

Основана во 1080 година, од страна на монахот, а подоцна струмички (тивериополски) епископ, Мануил, оваа оаза на тишината и литургијата е значајна по тоа што е единствената градба во Македонија од 11 век по својот уникатен архитектонски концепт. Се работи за византиската сакрална архитектура на македонската територија во средниот век. Стилот на ѕидање е кршен камен со тула. Внатрешноста на манастирот е крстообразна, со осмоаголна куполна градба; фреските (чиј фрескопис е изведен во различни временски периоди) се доста оштетени и се со мотиви од Стариот Завет и Новиот Завет. Сочувани се и фрагменти од живописниот мозаичен под како и оригинални делови од мермерниот иконостас. А една од најзначајните карактеристики на Вељушкиот манастир е Вељушкиот крст. Тој е соѕидан на фасадата на манастирот со малечки црвени тули и претставува првиот христијански симбол од Македонија што доживеал меѓународна афирмација. Денес се нарекува Македонски крст и е одбран да биде симбол на Македонската Православна Црква, а како таков е претставен и на црковниот грб.2

За манастирот ,,Св. Богородица Елеуса” и неговото илјадагодишно постоење се сочувани бројни историски податоци, документи и записи. Сведочат и две мермерни плочи сместени на самиот манастир со натписи од Мануил за неговото основање и посвета. Меѓутоа тие се копии; оригиналите биле извадени од нивните места за време на Првата светска војна од страна на бугарските власти и биле однесени во музејот во Софија, каде и денес може да се видат.3

Манастирот ,,Св. Богородица Елеуса”, кој има и своја издавачка дејност, порано бил живеалиште на монаси, а сега е дом на монахињи. Станува збор за сестринството на Струмичката епархија кое, меѓу другото, се грижи за манастирот, за неговиот двор и останатите придружни објекти како што е и саат кулата. Таа не го означува времето за ова мало царство; овде, чиниш, запрело за да понуди на посетителот мигови на мир и спокој.5 4

DSC_6222 DSC_6230 DSC_6241 DSC_6305 DSC_6318

          Весна Д.

Comments are closed.

popup11