Запознајте ја старата струмичка кујна – Пинирлии

Името на оваа прекрасна месена пита има варијации – пејнирлии, пинирлии, пенирлии… Како и да се изговара, всушност се работи за пита полиена со сирење и јајца, сирењак еден вид. Тоа е типичен, традиционален специјалитет во струмичко – дојранскиот крај.

2012-12-17_18-44-00_1067x800

Од времето на фурните, утрата по сокаците мирисале на свежо испечените лебови и пинирлии.Било важно пинирлиита да не е многу висока, дебела како велиме. Баба ми велеше: „Тва не е леб, мора даа потенка, как душичка мека, така си личе…’’

И кога еднаш ќе ја направите, ќе се поврзете со минатото, каде на софрата пинирлиита имала главно место, посебно за многуте празници кои не се посни.

 Ако ви се најават ненадејно гости, а немате баш нешто специјално во моментот, прво што ви доаѓа на памет е – „Да замесам една пинирлиичка, дудека да дојдат ќе стасе, ќе се испече, да си апнат чувеците топличка’’. Така се препознава типична струмичанка, дојранчанка…

2012-12-17_17-49-52_1067x800

 Така беше кај нас дома, пинирлиита или пенирлиита, е и за гости, и за доручек, за вечера. Таа поделбата на јадењата што е за доручек што е за вечера, ич не ми е јасна, затоа што ние струмичани, вредни раце, во секое време може да ја направиме…

 Е во дамнина не било така, начинот и ритамот на живот наложувал кога може да се прави и што да се прави. Утрата биле резервирани за тавите на фурна, но кога почнало дома да се печат, пинирлиита била се почесто на трпезата.

Нека биде и на вашата почесто! Добар апетит на сите љубители на ова наше преубаво, традиционално јадење!

2012-12-17_15-51-49_1067x800

За тестото: 1 квасец, 150 мл. зејтин, 1 лажичка сол, околу 800 гр. брашно, почнете со помалку…

За филот: 6 јајца, 100 мл. зејтин 75 мл. ако сакате помалку мрсно, 1 лажичка сол, сирење по желба…

2012-12-17_18-08-30_1067x800

Упатство:

Тестото треба да биде меко, се замесува брашното со квасец кој е претходно во млака водичка растворен, значи не мора да стасува и одприлика помалку од половина литар вода. Се додава 1,5 дл зејтин и 1 мало лажиче сол. Брашното варира, само ќе се покаже за меко тесто.

2012-12-17_17-44-53_600x800

Убаво се измесува и во подмачканиот плех се става тестото, се развлекува, растегнува со дланка према форма на плехот, па се остава да стаса, покриено со платнена крпа. Потоа, кога е стасано, надигнато, се прави наоколу како вдлабнатина и се притискаат насекаде дупчиња за да може да се задржи филот, да не отиде веднаш под тестото. Филот е изматените јајца, мало лажице сол, сирење на парченца по желба и околу 1 дл зејтин. Се става врз тестото, и се пече околу 25 минути до 30 најмногу. Не се покрива после тоа, можете веднаш да ја сечете и да ја сервирате со кисело млеко или по Ваша желба.

Добар апетит !

Забелешка:  Ова се мерки за голем длабок плех од шпорет.

автор: Весна Рохр, Со љубов, за вас

 

Comments are closed.

popup11