Царевите кули над Струмица

Често можете да чуете дека Струмица e „градoт под Царевите кули’’. Колку знаете за оваа тврдина? Царевите  Кули се наоѓаат на ридот кој се издига јужно над градот.

Тврдината се наоѓа на зарамнето плато на висина од 445 метри. По рабовите на платото се наоѓаат остатоци од одбранбените ѕидови. Денес фрагментно е зачуван западниот ѕид во должина од 40 метри, а има остатоци и од северните зидови во неколку појаси. Зачувани се и делови од кулата на југозападната страна, која заедно со југоисточната кула, (која била срушена со земјотресот од 1931 г.) го формирале влезот на јужната страна. Влезот најверојатно функционирал со подвижен мост.

DCF 1.0
Во внатрешноста на тврдината се наоѓа централната кула – донжон, која претставувала команден центар и каде бил сместен заповедникот со офицерскиот сталеж. Педесетина метри северно од донжонот се наоѓа правоаголна просторија длабока неколку метри, која служела како склад за жито, вино, вода и др.
Во рамките на тврдината се наоѓаат остатоци од стопански и станбени објекти. Јужно од тврдината се наоѓа некропола поврзана со посадата на тврдината, која била користена од I век пр.н.е. од кога се смета дека потекнувала тврдината, па се до турскиот период.

DCF 1.0
До XV век во тврдината имало посада, но поради стабилизацијата на приликите во османлиското царство веќе во времето на Евлија Челеби (1670 г.) тврдината e напуштена и запустена. Континуитетот на живеење на овој доминантен рид потекнува од четвртиот милениум пр.н.е. кога на овие простори се развивала богата енеолитска и ранобронзена култура.

DCF 1.0

Comments are closed.

  vtoro122