АРХИВА -СТРУМИЧАНИ: Струмичката спортска легенда – Ристо Аливкинов – Лито

Беше ѕвезда во борењето, најтрофејниот спорт во поранешна Југославија. Од сиромашно детенце кое се бореше по ливадите на родното село Костурино, стигна до повеќекратен државен првак, беше член на Државната борачка репрезентација за која има освоено бројни награди на големи натпревари,

а како најдрага го издвојува сребрениот медал на Европското првенство во Костанца.

Поради интересниот начин на борење, бил познат и како ,,миленик на публиката’’ во Германија каде, како единствен борач интернационалец, успешно играл седум години за Бундес-лигата. На својата спортска кариера Ристо Аливкинов – Лито со радост се сеќава:

,,Беа тоа денови кога борењето како спорт беше на врвот од успехот, спорт кој донесуваше најмногу трофеи за Југославија. Патувавме, го запознававме светот, не се грижевме за подготовките, за пари. Нашата работа беше да дадеме се од себе на теренот, а државата се грижеше за се останато. Се сеќавам, требаше да патуваме на Медитеранските игри во Измир. Не доведоа во една конфекција, ни дадоа да облечеме одело, врска, кондури и веднаш не испратија на авион, и за краток временски период веќе бевме во Измир. Баш во тоа време кога требаше да се одржат медитеранските игри, владееше некоја болест во Измир, и не смеевме да ја јадеме нивната храна. За да го решат тој проблем, нашиот авион пак се врати во Југославија, таму од фабриките ги избра најдобрите производи за нас и пак се врати. Така беше некогаш. А денеска? Денеска тоа е само празна фантазија на спортистите. Многу од нив не можат да си ја дозволат ниту картата за натпреварувањето.’’ – говори Алифкин.

11898_176907239133253_1984336157_n_603x800 922859_176907232466587_384721343_n_653x800

Се сеќава на убавите спомени од спортските денови кога сите се верувале во неговата сигурна победа. Во една борба успеал да го победи и ,,непобедливиот Турчин’’ поради која Германците, за кои што се натпреварувал, уште повеќе почитувале. Но, помеѓу бројните успеси, постои и мал неуспех: ,,На Светското првенство ’71 неможев да настапам бидејќи имав 100 грама повеќе од предвидената тежина и поради тоа ме дисквалификуваа. А во една борба, противникот така ме имаше стиснато што гркљанот ми пропадна и почнав да се гушам и поради тоа завршив во болница’’ – објаснува тој.

lito intervju 008_1200x800

На прашањето кога последен пат се бореше со некого, со смеење одговара:

,,Скоро беше тоа. Пробав со едно младо, јако момче да го соборам. Го соборив на тревата, го заокружив со рацете, и ѓи заклучив прстите како што некогаш тоа го правев за да не може да стане. Кога му реков дека е готово и дека е победен, тој само се исправи. Ме турна јако и рацете ми се отворија. А некогаш ако истото го направев на тој начин на некој борач, нема шанси да се извлече. Тоа ми беше главен адут. Но, годините стигнаа’’ – низ смеење признава.

Сега припаѓа на борачите ветерани. Кажува дека од спортскиот живот му останало утринското трчање до Свети Илија, медалите, контактот со поранешните спортисти од стара Југославија и желбата да помага и тренира младите, талентирани луѓе кои би го повторно вратиле борењето како спорт во Струмица.

lito intervju 015_1200x800

,,Жално е што еден успешен спорт се изгаси во Струмица. Постои заинтересираност, но недостасуваат услови. Генерално, спортски пропаднавме како друштво. Младите спортисти треба да просат за да ги покријат трошоците за тренирање и работа.’’

За неуспехот на спортското поле вината ја наоѓа во државата, но и во професорите по физичко образование:
„Некогаш имавме буџет со кој се финансираше спортот. А денеска? Нема државен буџет за важна државна ставка. Треба младите да се мотивираат. Па, Струмица, а и Македонија, нема ниту еден поединечен спорт со успех. И професорите по физичко образование треба да бидат одговорни и повеќе заинтересирани за своите ученици. Тие само доаѓаат, им фрлат топките и толку. Тие се првите кои ги бират спортистите, тие треба да проценат дали некој е добар одбојкар на пример, па да го испратат да тренира во некој одбојкарски клуб. Јас сум член на новооснованото Здружение на борачи – ветерани и ние ќе се трудиме да борењето пак го вратиме како спорт во Струмица. Бидејќи, не заборавајте,  Струмица некогаш беше извор на борачи.’’ – кажува Ристо Аливкинов – Лито.

Comments are closed.

  vtoro122