Запознајте ја старата струмичка кујна – Имам бајалди

Ова прекрасна тава која со генерации се прави во Струмица е една од најубавите која исто се носела на фурна. Можеби магданосот и лукот се „виновни„ за преубавиот вкус на црните патлиџани, како што ги викаме во нашиот крај, а можеби и заради неколкуте различни варијанти…

 Веднаш да нагласиме дека името на ова прекрасна тава се изговара со мали разлики : Амам/Имам/Аман/ Бајалди/ Балајди… Но ниту едно не е погрешно, зошто би било. Како и да се изговори, приказната секако води до човекот кој уживајќи во преубавото јадење, се прејал и БАЈАЛДИСАЛ, се занел од јадење…

 И така со тек на времето, секое семејство си правело мали измени, па во основа има два главни рецепти, со мелено месо и без. Оваа вегитаријанска варијанта е моја омилена, но секако дека со мелено месо е можеби уште поубава за сите кои не можат без него.

2012-07-07_15-18-36_1200x800

 ИМАМ БАЈАЛДИ

 Потрeбни состојки:

 Пред сé неизмерна љубов за готвење, но и време, ова не е инстант или брза храна…

 1.Неколку долгнавести, модри патлиџани – зависи колкава е фамилијата, ајде 6

 2.Домати/ френки, ама многу зрели, отприлика 2-3 кг. излупени и на парченца исечени

 3.Малку, да речеме 4, сите бои пиперки/чушки, исечени на кругчиња

 4.Една цела главица стар лук, тенко, тенко исечкан

 5.Магданос, 1-2 китки, ситно исечкан

 6.Зејтин, сол, црвен пипер, црн пипер, вегета

2012-07-07_15-19-48_1200x800

 Најпрво модрите патлиџани, измиени и исчистени од дршката, се засекуваат по должина без да се отворат целосно и внатре се става сол. Се оставаат во вода да им излезе лутината, црната течност, најмалку 15-20 минути. За тоа време го подготвувате магданосот и лукот, ситно и тенко исечкани и ги мешате со сол и црн пипер. Исто така ги подготвувате доматите и на зејтин, прво ги пржите исечканите пиперки од сите бои и ги додавате исечканите излупени домати, само малку да зовријат-5 минути. Додавате сол, црвен, црн пипер и вегета или некој друг зачин по ваша желба, сличен на вегетата.

Сега е време да се вратите на модрите патлиџани, да ги подисушите и да ги ставите на зејтин да се пржат, покриени. Откако ќе се испржат од сите страни убаво, значи да омекнат, ги вадите и ги редите со засекот одозгора, во земјана тава , по можност, или некоја длабока тава за печење.

IMG_1288_1200x800

Ако сакате, сега можете да ги излупите, за потоа полесно да се сервираат и јадат, но не е задолжително, порано не се лупеле. Вака наредени модрите патлиџани, ги полните во засекот со магданосот и лукот. Одозгора ги залевате со доматите, значи тавата треба да биде полна и покриена со сос од доматите во кој ќе се печат патлиџаните.

На тивко, отприлика 1 час, ја оставате да се пече. Проверувајте често што се случува. Внимавајте сосот да не ви стане агда, значи сосот треба да остане нормално течен, ни воден, ни премногу густ.

 Мали тајни: малку шеќер во доматите ако се премногу киселкасти, малку вода ако доматите немаат доволно сос.

 Тавата треба да се олади малку пред да сервирате, не се плашете да извадите еден по еден патлиџан во секоја чинија. Ако не ви успее тоа, следниот пат сигурно ќе биде, ако не, оставете ја лушпата на патлиџаните и тогаш полесно се сервираат, но потешко се јадат. Одозгора врз патлиџанот се полева од сосот и во чинијата изгледа прекрасно, рапсодија од бои и вкусови.

IMG_1200_1200x800

 Нема ништо поубаво од мирисот на магданосот, патлиџаните, доматите, пипрките и лукот заедно. Веќе реков, најчесто е во варијанта со мелено месо внатре, но вегетаријанската варијанта, која јас ви ја препорачувам, можете да си ја надополните со пржени подебели кругчиња компир/патати, бело сирење, но и ќофтиња ако не можете да живеете без месо.

 Добар апетит, до бајалдисуване!

автор: Весна Рохр, Со љубов, за вас

Comments are closed.

popup11