Таксистите и граѓаните: Струмичани често ги користат такси услугите

Иако  Струмица по големина е мал град и можете пешки  релативно брзо  да стигнете до одредено место, струмичани повеќе користат такси отколку што пешачат. Услугите на такси службите се користат често, се согласуваат таксистите и граѓаните.

„Се чудам некогаш како луѓето повикуваат такси за кратки релации. Возев муштерија од училиштето „Сандо Масев’’ до ТЦ „Глобал’’ или од џамијата до полицијата. Кога беше дозволено пушење на цигари во автомобилите, возев еден човек да испуши цигара и го вратив дома – вели таксистот Душко.

Душко смета дека навиката на струмичани често да ги користат  такси услугите потекнува од ниската цена на возењето која изнесува 50 денари. Ако наместо фиксната цена би се вовел таксиметар како вид на наплата, такси службата би се користила за вистински потреби и не би доаѓало до конфликти помеѓу возачите и муштериите.

„Лично мислам дека најдобро е да се воведе таксиметар бидејќи тогаш ќе се види реалноста за користењето на такси, зошто е тоа наменето. Патниците често го злоупотребуваат возењето -  те застани тука, те застани таму… Сакат да ги возиш по пат на кој на нив им одговара иако може да биде подолг. Ако има таксиметар, тогаш нема да го злоупотребуваат возењето. Ако застануваш да го почекаш да заврши работа „за минута’’, тоа ќе му го наплатиш. Во тој случај, повеќе ќе внимаваат дали ќе застануваат бидејќи би се тарифирало, а таксито би се користило наменски’’.

Тој смета дека со таксиметар не би се намалило користењето на такси услугите.

„Мое мислење е дека работата на нас таксистите нема да се намали со тарифирањето, само ќе се користи таксито за вистински потреби, ќе се зголеми ефективноста. Конфликтот помеѓу таксистот и муштеријата настанува токму поради тоа да се застанува кој каде сака, а цената останува иста’’  – вели тој.

Душко има десетгодишно искуство како таксист. Иако оваа работа е  привлечна како алтернативна, тој мисли дека оваа професија не е лесна.

„Прво, треба да имаш граѓанска култура, шоферска култура, треба да си, народски кажано, растеглив за односи со луѓето, да имаш добра  меморија за улиците.  И да ја имаш таа „шоферска култура’’, ќе ја изгубиш поради сите учесници во сообраќајот. Еве како пример, на пешачки премин проаѓат,  мислиш на излет тргнале. Разговарат на мобилни, ќе тргне – па ќе се врати. И колку и да си широк, се губиш. Многу треба да се работи на културата во сообраќај во нашиот град’’ – заклучува Душко.

 taksi-D-Andonovski-(1)[1]

Такси услугите од агол на граѓаните

С. Ш  – Цена на возењето не е лоша и се надевам дека нема да се покачува бидејќи тоа би  имало значително влијание на куќниот буџет.  Често користам такси поради работата и не можам да кажам дека сум задоволна со услугите. Таксистите често зборуваат на телефон додека возат, испитуваат за приватен и професионален живот,се расправат преку радио – станицата…

Д. Ѓ – Струмичани  често користат такси бидејќи се со прифатливи цени на услуги и луѓето го искористуваат тоа. Ако би се користил таксиметар, сигурно би се намалила работата на такси службите. Инаку, немам многу замерки на таксисти. Седнувам на задното седиште и не се замарам да влегувам во комуникација со возачот.

Д. Г – Не користам такси често, преферирам да пешачам. Дали често ќе користиш такси, зависи колку имаш пари. Ако имаш -  ќе се возиш, ако не – ќе штедиш.

————————————————————————————————————————————–

Comments are closed.

maski1