Приказна за струмичките лангиди

Во нашата струмичка кујна таканаречените мекици имаат посебна намена, посебна подготовка, посебен вкус и изглед.Не ми е позната најстарата приказна за лангидите, но секако ја знаеме онаа од минатиот век која сигурно води потекло од памтивек…

Лангидите се симбол за најголемата радост, за „златната топка’ како се вели во една преубава приказна..

2013-09-15_13-03-13_1067x800

Лангидите се прават кога ќе се роди бебенце, тоа е стара, прекрасна струмичка традиција, исполнета со ред и правила.

Порано правилата биле построги, се знаело кога точно мора да се прават, кој да ги прави, кој да се покани. Денес работите се малку измешани, правилата не се толку строги, па лангидите можат дури и да бидат заменети со нешто сосема друго.

2013-09-15_13-14-06_1067x800

Највештата жена во многучлените семејства се зафаќала да ја одработи најважната работа и тоа било огромна чест за неа. Тестото стасува неколку пати, има многу работа и затоа имала помагачки, но една морала да биде „главна’’. Тивко се прашувало додека се јадело, „а кој ги правеше лангидит?’’.  Тоа е најважното прашање, па следела проценка, па пофалби…

Но со тек на времето, жената почнала да работи и веќе пренесувањето на оваа вештина не можела да оди лесно од едни на други генерации како порано. Вештината ја презимале неколку жени во градот, понекогаш во некои периоди и само една жена.

И токму тоа е највосхитувачко низ моите сеќавања, жената која ги подготвува сама лангидите! Да, тогаш, во едни други времиња, само една жена можела да подготви стотици и стотици лангиди.2013-09-15_13-20-04_1067x800

Со векови било така, гостите доаѓале, каснувале и си оделе, за да има место за нови гости. Гостите биле жени со дечиња, а ако и дошол понекој маж, тој не седел заедно со жените, иако и те како каснувал од лангидите во други простории.

Првите лангиди се носеле на мајката, родилката, дури и во болницата кога завршило породувањето во домашни услови…

2013-09-15_13-17-41_1067x800

Уште ја паметам тетката Кума која во 80 те години на минатиот век ја канеа да ги подготви преубавите лангиди кои се прават на лице место, онаму каде гостите дошле на честито и благослови за новороденчето.

Рецептот е едноставен според состојките, но марифетлукот е голем, зашто нашите лангиди се со кругче во средината и тоа ги прави единствени. Е токму тоа е марифетлукот, на раката намачкана со зејтин се формира лангида со кругче во средината.

2013-09-15_13-42-29_1067x800

 Покрај главната намена лангидите биле често на трпезата во многу семејства, како доручек, како вечера, десерт. Најнапред се сервирале само лангиди, но потоа во посреќни времиња се толчел шеќер, специјално за нив. Некои ги јадат со сирење, некои со мармалади…

Во Горна маала над џамијата баба ми ги сервирала со мед, произведен од дедо ми и цело маало се собирало „на лангиди со мед’’. Ех, прекрасни времиња биле тоа! Мојата баба и мајка ми имале чест да прават лангиди за некои членови од поширокото семејство. Јас ја немам доживеано таа чест, но затоа можам барем да ја пренесам приказната со мојот скромен влог.

 За убави лангиди според стариот рецепт едноставно потребно е квасец, брашно и вода, премесување неколку пати, пржење во многу зејтин. Потоа рецептот се менувал и се додаваат јајца, млеко и по желба и вкус секој си го прилагодувал… Но традиционалните „погодени лангиди’’ треба да бидат бели, да не се мрсни, да се шупливи, а сепак „меснати’’.

2013-09-15_14-31-26_1067x800

 Мојот рецепт исто е модофициран, но ја има основата во себе, за да ја сочуваме приказната и радоста што подолго!

Добар апетит!

автор: Весна Рохр, Со љубов, за вас

 

 

Comments are closed.

maski1