Запознајте ја старата струмичка кујна – пинџур и во летниот период

Чушките, црните патлиџане и френките подготвени на разни начини се наше обележје во кујната… Многу често слушам дека не ни знаеме друго да јадеме.


Но не е така, треба да сме горди што го имаме тоа богатство и безброј рецепти, благодарение на нашите претци кои изнаоѓале начини да ги подготвуваат и  трансформираат од еден на друг начин.

2012-10-15_18-18-42_1067x800

Сега е време на печени пиперки со лукче и магданос, салата без која не може да замислиме ниту еден ручек, зашто нашите вредни домаќини знаат во секое време да ги подготват.
Но исто така не може да помине ниту една летна квечерина, каде потоа долго во ноќта се седи  по дворовите и терасите и се мези токму тоа, се разбира со изладената наша мастика…

Време е кога и пинџурот редовно ни е на трпезата. Рано е за зимници, но современата техника му помага на старинскиот рецепт, па пинџурот може да го имате во секое време, пресен.

2012-10-15_18-26-07_1067x800
А ништо поубаво од домашниот пинџур. Ништо поубаво од мирисот на толчениот лук и ореви, измешан со магданосот… Овој рецепт ми е од старинските, типичен струмички, но со мала современа измена, има можност за замрзнување и е одличен и потоа, ист како пресниот…

Потребно ви е модри патлиџани, пиперки, домати, а количество, токму по овој редослед, од најмногу, до најмалку- доматите. Немам мерки, од око готвам, но по желба може да им дадсете предност на пиперките…
1. Испечете ги во рерна, а ако имате услови надвор, уште поубаво…
2. Потоа за да се лупат полесно, ги ставате во кеси, па излупени во посебни цедници, да одстојат подолго… Нема потреба од толчење, само ги вртите со дрвена лажица во круг, неколку пати дури не станат како конци…

2012-10-15_18-30-36_1067x800
3. После убавото цедење, спојте ги заедно и исто измешајте ги во круг…
4. И сега, во ова фаза, може да си направите кесички за замрзнувачот, исто како што смрзнуваме мелено месо да речеме, сплоснато. Кога ќе си направите мала зимница, редно е да си го довршите пресниот пинџур, но истото што ќе го правите понатаму, го правите и кога ќе одмрзнете кесичка со пинџур…
5. Свртете го неколку пати на малку врел зејтин кога е одмрзнат, а ако има вода, исцедете ја претходно… По желба можете да додадете изрендани пресни домати…
6. Сега загрејте повеќе зејтин и попарете го пинџурот…
7. Толчен лук со сол и зејтин, толчени ореви додавате и пред зејтинот и малку по зејтинот, а на крај магданос…

2012-10-15_18-44-19_600x800

За гурманите, обавезно и лути пиперки и тоа оган лути, толчени по можност и повеќе врел зејтин… Некои од семките на пиперките нека ви останат, немојте да ги фрлате сите, повкусно е, така ме научи една моја баба Мара и во право е, нашата генетика за храната е почната со семки…

2012-10-16_20-05-57_600x800
Овој пинџур можете да го подготвите во секое време како пресен, благодарение на смрзнувањето и доработката…
Погоден ви е ако се влече како конци !
На здравје нека ви е, со лебче и сиренце…

 Автор: Весна Анчева Рохр, Со љубов, за вас

Comments are closed.

popup11