Запознајте ја старата струмичка кујна – Слатко од јагоди

За слаткото од јагоди има безброј рецепти. Кога парчињата се големи и се расечени или при варењето се разлеале, тогаш зборуваме за мармалад или џем кој најчесто се јаде со лебче и најубаво е кога е потечно.


Но, од некои овошја слаткото ни е важно да биде со цели парчиња. Токму тоа е за послужување пред гости кое се практикувало порано и било многу важно да ти се погоди, како се велело…

 

2013-05-26_15-27-27 - Copie_1067x800

За слаткото од јагоди пред сé многу е важно каде и како истите се одгледувани, но шумските јаготки секако ќе останат најубавите како и слаткото од нив.

Колку денес ги имаме познато ни е, па затоа дотолку поважни ни се рецептите кои ни ги оставиле нашите прабаби…Овој струмички рецепт ја има тајната јагодите да останат цели и со иста боја…

Количината за слаткото сами ја одредувате, на 1 кг. јагоди оди 1 кг. шеќер, а на секој кг. јагоди еден лимон во водата пред да го варите. Порано се користел само лимонтусот, денес имаме избор.

Постапка :

1.Исчистете ги јагодите, измијте ги убаво и оставете ги најмалку 3 часа
да одстојат во вода во која има лимонов сок или лимонтус.

2.Потоа исцедените јагоди редете ги во тенџерето за варење, еден ред
јагоди, па еден ред шеќер и сé така додека има, зависи од количината.

3.Треба да се вари на силна температура со постојано протресување, но не
повеќе од половина час.

4.Се прави пена која треба да ја отстранувате.

2013-05-26_00-55-12 - Copie_1067x800

5.Кога е готово, покријте го тенџерето со влажна кујнска салфетка да одстои цела ноќ.

6.Наредниот ден, зовријте го 10 тина минути повторно и ставете го слаткото во подготвени врели стерилизирани теглички…

Јагодите ќе останат цели, непотемнети, слаткото е погодено!

Се служи на старински начин, ако остане, затоа што се јаде пребрзо, преубаво е!

Тоа е едно од слатката кое количински не се правело многу и затоа имало  голема вредност, чувано горе по креденците во ладните соби, далеку од многубројната фамилија, за да остане нешто и за гости.

Послужувањето слатко бил многу важен обичај и одлика на една домаќинска
куќа. А уште и ако се погодело, тогаш долго ќе се зборувало низ градот,
колку било убаво слаткото на таа и таа домаќинка, зашто пред гостите се
изнесувало исклучиво слатко и се разбира домашни ликер, винце, ракија…

Во секоја прилика и за арно и за лошо, посебно за големи настани како
армаси и свадби, често се повикувале претставителни и вредни девојки од
други фамилии да дојадат и да служат слатко, таков бил адетот.
Младите девојки биле пресреќни да бидат поканети за служење слатко и
потоа радосно ги броеле фамилиите кои им ја укажале таа чест !

Сите гости седеле на столови наредени покрај ѕидовите во огромните
потони, а девојките оделе од еден до друг со диското слатко, специјално
сервирано или диското со чашите…

Денес времињата се поинакви, сепак убаво е да се присетуваме понекогаш…

2013-05-26_17-17-33_1067x800

Сеќавањата ќе ги има сé дотогаш додека има некој да ги пренесува… Иако
трансгенерациските пораки се во нас, истите можат да бидат селективно
меморирани…
Затоа е многу важно да се забележат овие рецепти, кои се вистинско
богатство !

Автор: Весна Анчева Рохр, Со љубав, за вас

 

Comments are closed.

  vtoro122