Што ја карактеризира струмичката кујна – Весна Анчева Рохр

Струмичката кујна се разликува многу по своите особености од другите краеви на Македонија, а тоа веројатно се должи на различноста на населението кое е, воглавно, мешавина од струмичани, дојранчани, бежанци и, секако, од други краишта.

Таа мешавина од памтивека направила една специфично вкусна кујна, која нема да ја најдете на друго место.
Па така, само во Струмица може да јадете Полнети сплини, Полнета плешка, Бобарник, Дулма, Лангиди со сирне и локум, Баклава со сакс, Сарлии, Пинирлии, Зерде, Погача со локум, Млеченик, и солен и благ во исто време.
Самите комбинации на храната, заличуваат повеќе на медитеранската кујна што и не е чудно кога се има фактот дека на неколку километри воздушна линија е Медитеранот…
Па така на пример, лубеницата најчесто се јаде со сирење, а и грозјето, што не е вообичаено за другите краеви…
Само во Струмица може да јадете прекрасни печени тави, најчесто јадења кои се полиени со јајца и кисело млеко или се забелени со јајца, како се вели, што е една од главните карактеристики на солените јадења…
И сармата од зелка и сармата од лоза, само во Струмица ќе ги најдете „забелени со јајца и лимон„ , вкус кој нема да ве остави рамнодушни!

slatko
И само во Струмица слаткото од дуњи се прави со миндале (бадеми) и мискимбре!
Сето тоа на струмичката кујна и дава посебен вкус кој нé враќа со спомените во минатото со мирис на дуњи, за да ја гради иднината и на младите да им ги пренесе сите вистински вредности…
Кујната секако е една од вредностите која го чува семејството заедно и среќно, и затоа треба да се чува и негува и пренесува на идните генерации како едно значајно обележје и големо богатство.
Иако сум далеку од дома, сепак со огромна љубов ги чувам и негувам сите старински рецепти… Мој совет до младите е да се обидат со многу чувства да и пријдат на подготовката на храната, зашто може пријатно да се изненадат кога домот ќе почне да мириса на среќа !

автор: Весна Анчева Рохр (Со љубов за вас)

Comments are closed.

popup11