Запознајте ја старата струмичка кујна – СВИНСКО СО СУЈ СЛИВИ

До неодамна, скоро секое семејство имаше свиња, многумина и кај роднини или пријатели на село. Тие ќе ја чуваат и одгледуваат и кога ќе дојде времето, се собираат најблиските, се коле и приготвува специјално како си е редот.

Додека експертите ја подготвуваат, веднаш на лице место се пржи кртинка, сланинка… Нема поубав од мирисот на пресно селско пржено како го нарекуваме. Па се прават џибиринките, се полнат колбаси, се складира месото.

2014-02-15_17-03-50_1400x1050

И речиси,  насекаде била иста сликата, а се залевало и со ракиичка и винце, се запевало… Но,  во нашиот крај, медитеранското влијание си го направило своето. Денес знаеме многу за црвеното месо, но нашите не ги знаеле овие информации, а сепак го приготвувале најправилно.

Една од најубавите тави во зиме, или грне, била токму оваа тава на свинско каре со суви сливи. Киселкастиот вкус на сујте/суви црни сливи му дава посебен вкус на свинското и на червишо/сосот,  но и му помага на организмот.

2014-02-15_16-55-37_1400x1050

И денес можете да подготвите прекрасно грне или тава со суј сливи, и тоа многу брзо, но свинското никогаш повеќе нема да биде со оној вкус како го паметиме…

Сепак, оваа тава заслужува да и се посветите…

Потребно ви е свинско каре, суви црни сливи, еден кромид, еден морков, пиперки, по желба и лута, сол, црн пипер во зрна, црвен пипер…

1. Најпрво изрендајте го кромидот, исечете го на кругчиња морковот и на покрупни парченца пиперките

2014-02-15_17-01-01_788x1050

2. Издинстајте ги кратко во покриен сад, може во грне на рингла со црвениот пипер и црниот во зрна, да се направи убав червиш

3. Сега испржете го филето да зарумени, исечено на крупни парчиња, но кратко за да не се стврдне

4. Кога ќе биде готово спуштете ги парчињата во грнето или садот каде сте го зготвиле зеленчукот, заедно со сосот кој го пуштаат при пржењето, додајте сол, сушен зеленчук и сливите

5. Оставете 5 минутки на рингла да се соединат сите состојки

Вкусот е прекрасен, луто, киселкасто, а за тоа колку е здраво не треба да кажувам, знаеле нашите зошто го готват. Можете да го комбинирате по ваш вкус, со компир, иако не е потребно ништо друго, само по себе е доволно и пребогато, заради преубавиот червиш…

Добар апетит!

Весна Рохр, Со љубов за вас

Comments are closed.

Capture