Запознајте ја старата струмичка кујна – стари јадења во тави

Во  пролет, јагнешкото било секогаш присутно на струмичките трпези и иако некои стари јадења знаат да бидат многу слични насекаде, сепак во Струмица си имаат свои обележја.

Било време кога лебовите се носеле на фурна, но се носеле и тави на фурна, вкусно подготвени дома.Фурните го ширеле најубавиот мирис низ градот, испечен свеж леб рано наутро, помешан со свежо измиените улици, дворови и навадените цвеќиња.
Ручекот се подготвувал многу рано, бил многу важен настан од многу причини, а секогаш ја собирал целата фамилија заедно.

2013-03-16_20-24-57_1067x800

И веќе предпладне, насекаде се ширел мирисот од преубавите различни тави во фурните.Тавите го одбележувалевремето,годишните времиња и храната карактеристична за тој период.

Испечените тави го одбележувале времето за ручек, кога чаршијата се затварала и испразнувала. Уште памтам, ручекот, беше во 12 часот, дедо ми со браќата ги затвараа дуќаните, секој си беше дома за ручек, а после ручекот, обавезната кратка починка и потоа повторно враќање на работа.Само во среда не се отвараше чаршијата попладне, беше време за поголем одмор.
А тие, преубавите јагнешки тави на фурна, напролет започнувале со ПРОЧКА и тавата ДРОБ САРМА.
Нашата ДРОБ САРМА се разликува од другите краеви по тоа што не се полива со јајца. Се јаде со свежо кисело млеко и се става многу мирудии, односно сушено нане.

2013-05-09_18-35-42_1067x800
А за Велигден, секогаш била Полнета плешка, нашиот познат, струмички специјалитет.

Цела рана пролет се јадело јагнешкото, најчесто како тави на фурна, но се подготвувало и дома, варено.

Дали биле ЈАГНЕШКИТЕ СПЛИНИ ИЛИ ЈАГНЕШКИТЕ КАПАМИ, цело печено јагне или уште многу други неспомнати, сите овие наши специјалитети, со преубавата мирудии и магданосот, го носеле мирисот на раната пролет и БУДЕЊЕТО НА ПРИРОДАТА.

2013-04-01_20-12-44_1067x800

КАПАМИТЕ добиле најразлични варијанти, во зависност од вкусовите на секое семејство, а сепак чувајќи ги рецептите кои се пренесувале од генерација на генерација.
Месото се подготвувало со зачини и зарзават за на фурна, но и се подварувало прво, се сечело на парчиња и тогаш се ставало во тава, во која се додавало најчесто ориз, спанаќ, компири, моркови.

Најпознатите капами биле ЈАГНЕШКА КАПАМА СО СПАНАЌ, ЈАГНЕШКА КАПАМА СО ОРИЗ и мешаната, ПОЛИЕНА КАПАМА СО ЈАЈЦА, која исто така била омилена.Секогаш се сервирале со кисело млеко, младо кромидче и младо лукче.

Интересно е да нагласиме дека се знаело за кој празник што сеподготвува, а ШКЕТОТО пак било добредојдено после празниците како освежителна чорбичка или лесна манџичка, со мевце и многу магданос.

Замислете ги сите тие тави на фурна, каква убавина биле!

2013-05-08_18-03-18_1067x800
Се обележувале по името или надимакот на семејството, иако фурнаџиите си ја знаеле одлично работата, а секоја домаќнка со го препознавала сопственото јадење, веднаш… Ги обележувале во случај да се прати некој друг да ја земе тавата, да не биде некоја грешка, а ги имало, па останале како најубави анегдоти.

Ете така „запролетувала„ Струмица во едно далечно време, кога тавите на фурна  му давале посебен шмек на градот, започнувајќи ја раната пролет со јагнешките специјалитети, разни комбинации, со мирис на сушеното нане, мирудиита…
Ги правам сите тави, ги одбележувам сите празници со нив и се радувам што ги негувам старинските специјалитети, но истовремено носталгично се сеќавам на едно време кога ОДЕВМЕ НА ФУРНА…

2013-05-10_16-31-51_1067x800

2013-05-08_18-16-01_1067x800 2013-05-10_17-34-06_1067x800

автор: Весна Анчева Рохр, Со љубав за вас

 

 

Comments are closed.

Capture